Уште шест билети за ЕП – кои селекции ќе ги грабнат?

Познати се 18 учесници на Европското првенство во Унгарија и Словачка, а слободни остануваат уште осум места, кои ќе бидат пополнети викендов. Треба да се одиграат уште 15 средби, денеска од 18:00 часот.

Преку квалификациите, место на континенталниот собир обезбедија Србија, Франција (група 1), Германија (група 2), Русија, Чешка (група 3), Португалија, Исланд (група 4), Словенија, Холандија (група 5), Норвешка, Белорусија (група 6), Данска, Македонија (група 7) и Шведска (група 8).

Тие им се придружија на домаќините Унгарија и Словачка, европскиот првак Шпанија и вицепрвакот Хрватска.

Група 1
Франција – Грција
Србија – Белгија 10:0

Грција е третопласирана во оваа група, но тешко дека ќе победи кај Франција на гостински терен и нереално е да се вклучи во трката по најдобрите четири третопласирани селекции кои ќе добијат место на ЕП.

Група 2
Австрија – Босна и Херцеговина
Германија – Естонија

Австрија и Босна и Херцеговина, имаат по четири бода и имаат директен дуел за второ место. Босна победи на првиот меч со 27-21 и ќе биде второ место ако успее да извлече реми. Ако Босна загуби, тогаш ќе има два бода на ранкингот на третопласираните. Ако Австрија загуби, со нула бодови на ранкингот на третопласираните, тешко дека ќе може да се надева на место на ЕП.

Група 3
Чешка – Украина
Фарски Острови – Русија

Чешка веќе е на ЕП, дури и да загуби од Украина и да биде на третото место, бидејќи ќе има три бода од дуелите со Русија и Украина, а нема повеќе од три селекции од другите три групи што можат да бидат подобри. За Украина има три сценарија да се најде на ЕП. Ако победат кај Чешка ќе имаат три бода, ако ремизираат ќе имаат два и ако загубат ќе имаат еден бод, што може да се покаже и доволен за најдобрите четири од третопласираните селекции.

Група 4
Португалија – Литванија
Исланд – Израел

Литванија и Израел може да завршат на третото место со ист број бодови, бидејќи Израел има подобар меѓусебен дуел. Шансите на Литванија се поголеми откако славеа над Исланд, а и во случај на пораз од Португалија, може да се надеваат на ЕП со два бода меѓу најдобрите четири третопласирани. Но ако загубат од Португалија, ќе имаат два бода, но и лоша гол разлика, -22. Израел мора да победи кај Исланд, ако сака место на ЕП, но и тие ќе имаат лоша гол разлика во борбата за најдобрите четири третопласирани, -35.

Група 5
Словенија – Турција
Холандија – Полска

Словенија и Холандија веќе имаат билети за ЕП, но и Полска може да им се придружи. Ако слават на гости кај Холандија може да бидат дури и први во групата. Ако Полска загуби, ќе биде трета но со два бода и добра гол разлика.

Група 6
Норвешка – Италија
Белорусија – Летонија

Норвешка и Белорусија се веќе на ЕП, а Летонија и Италија може да завршат на третото место, но тешко е да се очекува да слават на гости кај фаворитите и се надвор од трката за место на континенталниот шампионат. Дури и да направат изненадување, имаат лоши гол разлики и неможат до билет за ЕП како едни од најдобрите четири третопласирани.

Група 7
Македонија – Швајцарија
Данска – Финска

Швајцарија мора да победи против Македонија ако сака место на ЕП и тоа со што повеќе голови, а во исто време да се надева и дека ривалите за најдобрите третопласирани ќе загубат на нивните натпревари. Швајцарија во моментов нема бодови и гол разлика од -8.

Група 8
Црна Гора – Романија
Шведска – Косово

Црна Гора игра дома со Романија, а победникот од оваа средба оди на ЕП. Ако загуби Романија и Косово биде поразен кај Шведска, Романците ќе бидат последни и немаат шанси за ЕП. Ако загуби Црна Гора, исто така ќе биде тешко да се најдат меѓу најдобирте четири третопласирани и се во опасност да го пропуштат ЕП. Ако во случај Косово направи сензација во Шведска, ќе може да се надева на трето место и некакви шанси за место на ЕП.