Уште не ја завршил играчката кариера, а веќе има понуди за тренер

Еден од најдобрите ракометари во данскиот шампион ГОГ, Мортен Олсен, кој има 38 години, по оваа сезона би можел да ја заврши својата богата кариера.

Според пишувањето на данската телевизија ТВ2, искусниот ракометар има понуда да стане помошен тренер на Рингстед , клуб кој се натпреварува во вторлигашкото друштво во Данска.

Тренерот на ГОГ, Николај Крикау верува дека Мортел Олсен со своето искуство може уште неколку сезони да му помогне на тимот.

,,Ние не сакаме Олсен да ја заврши кариерата. Сè уште веруваме дека може да ни помогне во најважните битки. Мислам дека Олсен може да игра на високо ниво уште неколку сезони. Самиот ракометар треба да донесе одлука, но нема сомнеж дека ГОГ посакува да ја продолжи соработката со него”, изјави Крикау.

Олсен во досегашниот тек од групната фаза во Лигата на шампиони има постигнато 63 погодоци и се наоѓа меѓу најдобрите осум стрелци во елитното клупско натпреварување.

Рингстед моментално е лидер во второто по ранг квалитетно натпреварување во Данска и има големи шанси да обезбеди пласман во Првата лига, па така амбициите на клубот ќе бидат подобрување во играчкиот и стручниот кадар.