Узунчеви искомбинираа 15 гола, Партизан Гевгелија убедлив против Риниа

Ракометарите на Партизан од Гевгелија забележаа убедлива победа на домашен терен против екипата на Риниа М со 38:22 во натпревар од 8. коло од плеј-аутот во Првата лига.

Дуелот на екипите од дното на табелата им припадна на домаќините кои беа убедливи против гостинскиот тим на Риниа М, кој настапи со само 11 играчи во ростерот. Уште на почетокот Партизан обезбеди огромна позитива која во текот на мечот немаше проблеми да ја сочува.

Составот од Гевгелија поведе со 7:0, а потоа беше и 10:3 за мирна игра во продолжението. До крај на првото полувреме разликата беше двоцифрена кога Партизан водеше 19:9. До крајот на дуелот без многу проблеми домашниот тим ја запиша третата победа во плеј-аутот.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Партизан, Тодор Узунчев со девет погодоци, а Димитар Узунчев постигна шест гола. Во составот на Риниа М, Исмаили со седум гола беше прв стрелец. Партизан е на шестата позиција со девет бода, а Риниа М на седмата позиција со шест бода.