Убава најава за ЕП: Митревски брилијантен, Македонија ја среди Романија и го освои “Трофеј Карпати”

Машката репрезентација на Македонија славеше во финалниот натпревар на “Трофеј Карпати” над домаќинот Романија со 20-24. Најголемите заслуги одат на адреса на голманот Никола Митревски, кој имаше 17 интервенции, а постигна и еден погодок во моментите кога се кршеше резултатот, иако сите кои беа на теренот дадоа придонес во победата.

Романците отворија со водство од 2-0, а првиот гол нашите го постигнаа преку Танкоски во 7. минута. Иако Митревски бранеше одлично во овој период, сепак избраниците на Брестовац не успеваа да ја намалат предност. Напротив Талмајер донесе највисоки 5-2 за Романија.

Беше 6-3, пред Дарко Георгиевски да намали на 6-4. Потоа се играше гол за гол, а во бековскста тројка се вратија Велковски и Мишевски, место Крстевски и Георгиевски. По 8-5 за Романија, Танкоски и Поповски од пенал намалија на 8-7, а домаќините направија пробивање. Танкоски доби удар во лицето, но ја продолжи играта. Потоа имаше мал прекин од пет минути поради повредата на Негру, кој беше изнесен на носилки од теренот. Велковски и Димитриоски имаа шанса да израмнат, но Попеску ги запре нивните удари.

Брестовац повторно ротираше и во дефанзивата и во бековската линија, па шанса доби Костадин Петров, кој погоди за 9-8 на три минути до паузата. Попеску повторно му запре удар на Поповски, а Тудор и Григорас зголемија на 11-8. Романците имаа шанса за највисоки плус четири, но Митревски повторно се испречи и погоди од гол на гол за 11-9. На пет секунди до крајот примивме погодок, но Танкоски беше побрз од сирената и со голот од десетина-единаесет мтетри во последната секунда ги постави конечните 12-10 на полувреме.

По две минути игра во вториот дел, Романија поведе со 14-12, но нашите ракометари направија комплетен пресврт и со три гола во серија, од кој последниот на Костески во контранапад, Македонија стигна до предност со 14-15. Митревски беше одличен на голот, па ни овозможи да стигнеме до плус два, 15-17, па 16-18. Домашните имаа шанса и од пенал да намалат, но сега Кизиќ влезе во игра и го запре ударот на Мокану.

Потоа одбрани уште еднаш, а Танкоски за првпат ни донесе и плус три, иако нападот беше под пасивност, 16-19. Романците притиснаа во одбраната, тешко доаѓавме до позиција за удар, па на седум минути до крајот израмнија на 20-20. Поповски од пенал го совлада Бокатару за 20-21, а брилијантниот Митревски го запре ударот на Тудор. Маџовски во следниот напад не пропушти прилика да го погоди и нашите имаа плус два, 20-22.

Домашните не успеаја да погодат, но ниту не реализиравме. Романците брзаа во нападот, па Митревски му запре удар на Тудор, а потоа и на Шимицу, па немаше време за пресврт. Трет пат по ред не погодија домаќините, па казната ги стигна преку Маркоски, а до крајот погоди и Костески за конечни 20-24.

Митревски имаше 17 интервенции, а даде и еден гол, додека најдобар стрелец беше Танкоски со осум погодоци. Никола Маркоски стрелаше четири пати, исто колку и Мартин Поповски. Репрезентацијата веднаш по натпреварот тргнува на пат кон Македонија, а селекторот Данило Брестовац утре ќе го соопшти конечниот список за ЕП.