Трилер меч во Велес: Текстилец ги грабна бодовите од гостувањето кај Борец

Ракометарите на Текстилец забележаа важен триумф на гостувањето во Велес против Борец со резултат 28:27 во плеј-аут разигрувањето во Првата лига.

Гостите од Штип имаа одлично отворање на натпреварот и преку разиграните ракометари кои играат на бековските позиции имаа солидна предност од 5:1 по десет минути игра. Сепак домашниот тим со серија од неколку голови успеа да го скрши отпорот на противникот и да намали на 11:13. Во последните десет минути од првиот дел се играше гол за гол. Составот на Текстилец успеа со гол позитива да замине на пауза.

Второто полувреме беше проследено со жестока борба на теренот. Избраниците на Васил Василев и покрај негативата од четири разлика се доближија резултатски и направија целосен пресврт на теренот. Во последните петнаесетина минути имаше постојана резултатска неизвесност. Сепак во завршните минути ракометарите на Текстилец беа подобри во нападот и одбраната.

Во последната минута беше 25-26, пред да бидат постигнати уште три погодоци на двете страни, а победничкиот гол беше дело на Попов за 26-28. Тимот од Штип беше предводен од Васе Петров со 10 и Симеон Попов со седум голови. Во Борец најефикасен беше Кирил Миленков со осум гола.