„Требаше да се ‘истепаме’ – секој играч нека размисли за себе, и јас исто…“

Хрватскиот првак Загреб загуби на стартот на Лигата на шампионите од бундеслигашот Кил со 30-23.

„Зебрите“ водеа со седум гола и на полувремето, 16-9, а тренерот на хрватскиот тим, Славко Голужа, жали по поразот.

„Се спремавме многу за нивното најсилно оружје, полуконтрата во која бековите завршуваат и не успеавме да ги затвориме. Се ‘вадевме’ на брзи удари, но правевме технички грешки по кои Кил се одлепи. Кога се вративме во вториот дел, направивме шест технички грешки, а на минус пет промашивме зицер. Жал ми е, требаше да се ‘истепаме’. Тие дојдоа со два порази, но тоа не не залажа. Кил е преискусна екипа. Верував дека можеме да парираме 60 минути, но ова е само прв меч. Секој играч мора да поработи на себе, да размисли, исто како и јас. Се извинувам поради двете минути што ги добив“, вели Голужа.

Покрај гостинската победа на Кил кај Загреб, во групата А каде што е и Еурофарм Пелистер, на сите мечеви бодови освоија само гостите – Алборг кај Келце, Колстад во Битола и ПСЖ кај ПИК Сегед.