Трајкоски го одведе Алкалоид кон второто место и Лига Европа, Вардар не памети послаб пласман!

Вардар ја загуби битката за вицешампионската позиција во македонскиот шампионат. Во последното коло пред полупразните трибини во СЦ „Јане Сандански“ Алкалоид го совлада некогашниот ракометен гигант со 25-21 (12-10). Алкалоид како вицепрвак се пласираше директно во групната фаза од Лигата на Европа, Вардар доколку добие зелено светло од ЕХФ би играл квалификации за пласман во групната фаза на истото натпреварување.

Во поновата истроија Вардар не памети кога последен пат бил под вицешампионската позиција во македонскиот ракомет.

Добар беше почетокот на „црвено-црните“ кои ја имаа контролата над играта и резултатот. По две минути игра имаа 3-1. Сепак грешките во нападите избрзаните шутеви од неизградени позиции и одбраните на Трајкоски полека го топеа водството на некогашниот европски првак. Така во 12 минута Кофиловски го израмни резултатот на 5-5, а веднаш потоа продолжи серијата на Алкалоид за највисоки 5-7 кои Младеновиќ ги постави во 16. минута. Избраниците на тренерот Лазаров ја одржуваа разликата во текот на средината на полувремето, за во 20.минута со цепелин кој го реализираше Серафимов да дојдат до „плус три“. Но ниту тајм аутот на клупата на Вардар, ниту одбраната на Томовски не им донесе нов импулс на летаргичните домаќини. Затоа Алкалоид притисна повеќе и ги постави првите четири голови предност на дуелот (8-12). Во самиот финиш Вардарци се обидоа да спасат дел од високата негатива, па по првите триесет минути Алкалоид имаше позитива од само два погодока 10-12.

Вториот дел продолжи во посакуваниот ритам за гостите, Трајкоски беше одличен на голот, па разликата се врати на највисоките „четири“. Лазаревски и Стојановски ја наградија добрата игра во одбраната на Вардар. Тоа беше доволен сигнал за навивачите на Вардар да станат од столчињата и во отсуство на поддршка од „Комити“ да дадат дополнителен импулс на домашните ракометари.

Вардар заигра подобро во одбраната, Ристовски одбрани неколку „чисти“ шутеви на противникот, па „црвено-црните“ на истекот на 40. минути дојдоа до минимален гол негатива. На средина на второто полувреме се вжештија страстите на терен, па по две минути добија Џонов, Лазаревски и двајцата тренери.

Талески во 47 минута го израмни резултатот на 18-18, во моментите кога Алкалоид играше без голман. Во продолжение Алкалоид комплетно се врати во игра, Благојче Трајкоски блескаше меѓу стативите, а на спротивната страна Стојковиќ и Џонов ја вратија предност од три гола кај гостите (18-21 52.минута). Серафимов во 56. минута ја зголеми разликата на највисоките „плус четири“, предност која им донесе удобна предност и победа на крајот на овој решавачки дуел. Со 25-21 Алкалоид го совлада Вардар, по втор пат оваа сезона, за освојување на вицешампионската титула во македонското првенство.

Најпрецизен на теренот беше Серафимов со 6 погодоци,го следеше Митев со 2. Кај Вардар Талески, Дутра и Георгиевски постигнаа по 4 голови. Голманот на Алкалоид Благојче Трајкоски имаше 11 интервенции.