Трајковски дебитираше за новиот клуб: Финскиот ракомет оди во нагорна линија, СИФ е кандидат за плеј-оф

Поранешниот ракометар на ХЈС Работник, Еурофарм Пелистер и Струга – Игор Трајковски од ова лето го има првиот интернационален предизвик.

Кружниот напаѓач, чија специјалност е играта во одбрана, потпиша договор на една сезона со финскиот тим СИФ.  Тој веќе дебитираше за новата екипа на пријателските натпревари против естонската Кехра Талин и финскиот ГИФ.

Против Кехра, СИФ победи со 23-20, а Трајковски даде четири голови, додека против ГИФ даде еден, а го изнесе главниот товар во одбраната.

„Многу сум задоволен од примемот и од условите во клубот, кој секогаш е во врвот на финскиот ракомет. Сакаат да го подигнат на уште повисоко ниво, а јас се надевам ќе придонесам за тоа. Во нашата екипа се тренира напорно, амибициите се најмалку место во плеј-офот како и секоја сезона. На пријателските натпревари тренерот прави многу ротации, а јас главно играм во одбраната“, вели Трајковски за 24Ракомет.

Во финскиот шампионат главни фаворити за титулата е Рихимаки Кокс, тука се Дикен и БК46, како и тимот на СИФ каде што игра Трајковски. Македонија има уште еден интернационалец во Финска, а тоа е десното крило Илија Крстевски во тимот на ПИФ.