ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Ѓер на шопинг во Виборг, ГОГ пред потпис со Швеѓанец

  • Еден од главните фаворити за освојување на титулата во Лигата на шампионите кај дамите, тимот на Ѓер за следната сезона го промовираше новото засилување. Станува збор за повремената репрезентативка на Норвешка и актуелна членка на Виборг, Емилие Ходвин. Норвежанката со раководството на Ѓер се договори на двегодишен договор, со можност за продолжување на истиот доколку двете страни бидат задоволни од соработката.
  • Според данската телевизија ТВ2, шампионот на Данска, ГОГ за следната сезона планира да го ангажира репрезентативецот на Шведска, Линус Персон. Швеѓанецот, кој игра на позицијата десен бек, моментално настапува во Нант. ГОГ за следната сезона се засили со репрезентативецот на Норвешка, Александар Блонц.
  • Еден од најдобрите стрелци во Иштад и во Лига на Европа, Џонатан Свенсон во следната сезона ќе се пресели во Бундес лигата, поточно во екипата на Ерланген. Ракометарот, кој во досегашниот тек од групната фаза во Лига на Европа постигна 49 погодоци, во Ерланген ќе биде замена за германскиот репрезентативец Штефан Фет. Свенсон во Ерланген ќе остане најмалку две сезони и ќе има можност да го покаже својот потенцијал во најквалитетната лига на светот.
  • Двајцата ракометари од Шпанија во редовите на Лемго, браќата Гедеон и Исаијас Гвардиола ќе го напуштат бундеслигашот на крајот на натпреварувачката сезона 2022/23. Нивните договори завршуваат ова лето, па така секој ќе продолжи по свој пат. Според шпекулациите од медиумите во Германија, Гедеон Гвардиола во следната сезона ќе го засили тимот на Адемар Леон.