Шведскиот Кристијанштад потпиша договор на две години со 31-годишниот Норвежанец Бесард Хакај, кој настапува на пивотменската позиција, а во Шведска доаѓа од данскиот Рибе Есбјерг.
Руската репрезентативка Олга Горшенина, која игра за ЦСКА Москва и може да настапува на сите бековски позиции, од наредната сезона ќе ги брани боите на романската Валчеа.
Валчеа и ЧСМ Букурешт добиваат сериозен конкурент во домашното првенство. Рапид Букурешт ги ангажираше трите шпански репрезентативки Ајноа Ернандес, Марта Лопес и Алисија Фернандес, како и двете романски репрезентативки Дениса Деду и Габриела Периану од ЧСМ. Доаѓа и анголската репрезентативка Азенаиде Карлуш од Подравка.
Мартин Поповски во Амичитија Цирих следната сезона ќе има уште еден соиграч од Кадетен покрај Габор Часар. Тоа е 19-годишниот Мехди Бен Родман.
Романската Дунареа Браила, каде што игра македонската репрезентативка Јована Саздовска, од следната сезона ќе има нов тренер, а тоа е Данецот Мортен Субак. Тој како селектор на Бразил стана светски првак во 2013 година, а следната недела се очекува да бидат потврдени трансферите на Мајса Песоа, Самара Да Силва и Ана Паула Родригес во романскиот клуб.
Српскиот репрезентативен десен бек Милош Орбовиќ на крајот на сезоната си заминува од украинскиот првак Мотор Запорожје и се сели во швајцарскиот Криенс Луцерн со кој потпиша договор на две сезони. Претходно Орбовиќ настапуваше за Војводина, Политехника Темишвар и шпанска Бидасоа. На негово место во Мотор доаѓа Лука Шебетиќ.
Бундеслигашот Кобург го раскина договорот со иранскиот репрезентативен плејмејкер Пуја Нурузинеџад, иако беше активен до крајот на следната сезона.
Данскиот Алборг го продолжи договорот со левото крило Бустер Јул Ласен. 28-годишниот ракометар се обврза на едногодишна верност.
Бразилската репрезентативка Мариана Коста, која сега игра за романската Глорија Бистрица, во новата сезона ќе ги брани боите на унгарскиот Дебрецен. Договорот со десното крило е потпишан на една сезона.
Бундеслигашот Хановер го продолжи договорот со Винсент Бјухнер. Левото крило се обврза на верност до 2023 година, а досега оваа сезона 22-годишниот ракометар даде 49 погодоци.
Францускиот Брест Бретањ ја продолжи соработката со полската репрезентативка Моника Кобилинска. Десниот бек се обврза на нова двегодишна верност кон Брест.
Шпанскиот Адемар Леон ги продолжи договорите со Хаиме Фернандес и Адриан Каскеиро. Фернандес потпиша на една сезона, додека Каскеиро на три сезони.
Босанскиот репрезентативен десен бек Дејан Малиновиќ, го продолжи договорот со унгарскиот Балатонфуреди. Тој се обврза на двегодишна верност, откако лани дојде од романската Констанца.