ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Пуховски се врати дома, Малашинскас промовиран во Адемар, Тулуз најде замена за Кантегрел

  • По Вјачелсав Бокан, тимот на СКА Минск, ги засили своите редови со средниот бек Борис Пуховски. 35-годишниот плејмејкер ќе биде позајмен од Мотор Запорожје до крајот на оваа сезона. Ова е трето враќање на Пуховски во матичниот клуб, откако претходно играше за Динамо Минск и Чурго.
  • 23-годишната голманка на Локомотива Загреб и на хрватската репрезентација, Луција Бешен, од лето ќе биде дел од тимот на Подравка, со кој потпиша договор на две сезони.
  • Кружниот напаѓач на Мотор Запорожје и на руската репрезентација, Денис Василев, до крајот на сезоната ќе биде дел од рускиот Динамо Астрахан.
  • Некогашната ракометарка на Мец и на националниот тим на Франција, Манон Ует, заминува од Бур Де Пеж и од лето ќе настапува за амбициозниот Шамбре Турен, за кој претходно потпишаа и Надја Офендал, Лаура Ван Дер Хејден, Мелвин Деба…
  • Десниот бек на Мотор Запорожје и Украина, Владислав Донцов, до крајот на сезоната ќе настапува за полскиот тим Азоти Пулави. 26-годишниот Донцов скоро цела кариера ја мина во Мотор, со исклучок на една сезона во белорускиот СКА Минск.
  • Црногорската репрезентативка Татјана Брновиќ, која од Будуќност требаше да замине во Ростов Дон, остатокот од сезоната ќе го мине на позајмица во словенечкиот Крим, а договорот со рускиот тим останува на сила од лето.
  • Полската Висла Плоцк ги продолжи договорите со левото крило Миколај Чаплински и со десното крило Кшиштоф Комаржевски. Десното крило треба да остане до 2024 година, а левото до 2026, но следната сезона ќе ја мине на позајмица во шпанскиот тим Торелавега.
  • Соиграчот на Тоше Ончев и Милан Лазаревски во словенечкиот Тримо Требње, голманот Алјоша Чудиќ, ја продолжи соработката до 2024 година. Чудиќ претходно бранеше за Спортинг, Целје, ПСЖ, Марибор…
  • Левиот бек Филип Ахуансу, ја продолжи соработката со германскиот Рајн Некар Левен и се обврза да остане во бундеслигашот до 2025 година.
  • Десното крило на чешката репрезентација Јана Кнедликова, го продолжи договорот со норвешкиот првак Кристијансанд на уште две сезони. 32-годишната ракометарка таму е веќе две сезони, а претходно играше за Славија Прага, Мошонмаѓаровар и Ѓер.
  • Десниот бек на Крим и на Холандија, Харма Ван Креј, на лето заминува од Крим по три сезони и ќе се врати во Германија каде што ќе ги брани боите на Борусија Дортмуд. Холанѓанката потпиша договор на две сезони.
  • Средниот бек на Мотор Запорожје и Литванија, Аиденас Малашинскас, беше промовиран во тимот на Адемар Леон чии бои ќе ги брани до крајот на сезоната како позајмен играч. Ова е враќање за плејмејкерот во Шпанија, каде играше за Ла Риоха, Гранољерс и Сагунто.
  • 34-годишниот голман на Ним и на Словачка, Теодор Пол, од лето се сели во тимот на Тулуз, каде што ќе го замени екс вардарецот Робен Кантегрел.