ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Малашинскас го засилува Бузау, Дмитриева со камбек во ЦСКА

  • Според информациите на романскиот портал „ГСП“, репрезентативецот на Литванија, Ајденас Малашинскас, се наоѓа пред трансфер во романскиот Бузау, кој за следната натпреварувачка сезона 2023/24 планира да направи поконкурентен тим. Литванецот моментално настапува за бундеслигашот Мелсунген, додека најголемиот дел од својата кариера ја мина во Мотор Запорожје. Две сезони го носеше дресот на Ла Риоха. Освен Малашинскас, во Бузау се очекува да пристигне и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Михајло Митиќ. Српскиот интернационалец не го продолжи договорот со Бидасоа Ирун и најверојатно ќе заврши во редовите на романскиот суперлигаш.
  • Репрезентативката на Русија, Дарија Дмитриева, се враќа во редовите на ЦСКА Москва откако речиси една сезона мина на позајмица во редовите на Крим Меркатор. Сепак, Дмитриева во екипата на ЦСКА Москва ќе игра краток период, односно до 1 јули, а потоа од следната сезона повторно ќе продолжи да го носи дресот на словенечкиот шампион. Со оглед на тоа дека шампионатот во Словенија заврши, додека рускиот се уште трае, и во тек е разигрувањето за титулата, раководството на ЦСКА Москва ја ангажираше Дмитрева, бидејќи една од главните играчи во московската екипа, десниот бек Антонина Скоробогатченко заработи повреда.
  • Голманот на Грањолерс, Марк Гвардија, од следната сезона ќе настапува во шампионатот на Швајцарија, односно во екипата на Базел. Искусниот голман, кој има 27 години, со тимот од Швајцарија потпиша двегодишен договор. Гвардија за екипата на Грањолерс настапува од сезона 2014/15 и за тоа време, тој одигра 162 натпревари во Асобал лигата. Оваа сезона голманот му помогна на својот тим да стигне до Ф4 турнирот во Лига на Европа.
  • Капитенот на хрватскиот вицепрвак Подравка, Лариса Калаус, го продолжи договорот со клубот од Копривница. 26-годишната ракометарка, која игра на позиција среден бек, со раководството на Подравка се договори на нова едногодишна соработка. Не е познато дали нејзината сестра близначка Дора Калаус ќе остане во поранешниот учесник во Лигата на шампионите. Лариса Калаус во Подравка пристигна од Локомотива Загреб. Со тимот до хрватската престолнина во 2017 година го освои тогашниот Челинџ Куп.
  • Бразилскиот интернационалец во редовите на Татран Прешов, Марко Колодети, по завршувањето на оваа сезона ќе има нов интернационален предизвик во својата кариера. Голманот од Бразил по три сезони минати во Прешов ќе се пресели во Германија и ќе игра за екипата на Хам Вестфален, клуб кој моментално се наоѓа на последното место во Бундес лигата. Колодети во Хам Вестфален ќе биде замена за хрватскиот ветеран Владимир Божиќ.