ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Екс ракометар на Пролет и Металург замина во Саудиска Арабија, Хагман се враќа во Романија…

  • Екс ракометарот на Металург и Пролет, Ѓорѓе Голубовиќ во остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 ќе настапува за Ал Карах од Саудиска Арабија. Десниот бек во текот на оваа сезона ги засили редовите на словачкиот шампион Татран Прешов, но ракометарот од Србија одлучи пролетниот дел од сезоната да го мине на Блискиот Исток.
  • Екипата на Елверум за наредната сезона ќе се засили со тројца играчи. Еден од нив е Антонио Серадиља, кој моментално настапува за екипата на Логроњо. Шпанскиот репрезентативец во редовите на Елверум ќе остане најмалку до 2025 година. Норвешкиот шампион го ангажираше и Теодор Старк од АИК, како и голманот од Скјерн, Робин Хауг.
  • Според пишувањата во норвешкиот медиуми, левото крило Александер Блонц е блиску до потпис со данскиот шампион ГОГ. 22-годишниот ракометар од 2021 година настапува за ПИК Сегед. Блонц пред да го направи првиот интернационален предизвик го носеше дресот на Елверум.
  • Бундеслигашот Минден се засили со репрезентативецот од Исланд, кружниот напаѓач Свен Јохансен. Исланѓанецот иако имаше договор со Скјерн, раководството на Минден успеа да го донесе перспективниот ракометар во своите редови. Договорот на Јохансен со Минден е со важност до јуни, 2023 година.
  • Репрезентативката на Шведска, Натали Хагман во новата сезона ќе има нов интернационален предизвик. Искусната ракометарка, која има 31 година, во следната сезона ќе го носи дресот на некогашниот европски гигант Олчим Валчеа од Романија. Швеѓанката во последните три сезони настапува за Нант, а претходно беше дел од Оденсе, ЧСМ Букурешт, Холстебро и Луги.