ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Екс играч на Металург се врати дома, Лопез ја засили Куенка, Партизан го промовираше Пештиќ…

  • Некогашната голема надеж на Хрватска, Тео Чориќ, кој во својата кариера играше и за Металург, по осум години поминати во странство се врати во својата татковина. Кружниот напаѓач направи камбек во редовите на Пореч, во овој клуб настапуваше на почетокот од кариерата, додека во последните четири сезони беше дел од романскиот шампионат.
  • Довчерашното лево крило на Татран Прешов, Серхио Лопез, одлучи да го напушти словачкиот тим. 25-годишниот ракометар во новата сезона ќе настапува за неговиот матичен клуб Куенка. Лопез со тимот на Куенка во сезона 2018/19 го имаше деби настапот на европска сцена и беше автор на првиот гол на шпанскиот клуб во Купот на ЕХФ.
  • Српскиот вицепрвак Партизан денес го потврди трансфер на босанскиот талент Немања Пештиќ. Младиот ракометар во Партизан доаѓа од Слога Добој, а во својата кариера настапуваше и за Спачва Винковци од Хрватска, како и за Локомотива и Јединство од Брчко. Освен како лев бек, знае да игра на позицијата среден бек, па така Партизан со неговото доаѓање ќе има повеќе опции во нападот. 21-годишниот ракометар ги има поминато сите младински категории на БиХ.
  • Екс голманот на Целје и Градец, Гашпер Добај, во новата сезона ќе настапува во амбициозната екипа на Рико Рибница, клуб во кој потпиша и некогашниот голман на Пелистер, Вардар Јуниор, Охрид и Тиквеш – Јагош Брауновиќ.
  • Репрезентативката на Хрватска, Теа Пијевиќ, која беше меѓу најзаслужните за освоената бронза на својата репрезентација на Европското првенство во Данска (2020) ќе има нов предизвик во својата кариера. Пијевиќ е новото засилување во амбициозниот тим на Глорија Бузау.