ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Екс играч на Металург и Пелистер има нов клуб, ривал на битолчани донесе Јапонец, Мотор го задржа тренерот

  • Најдобриот стрелец на швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, Самуел Зендер, на крајот од сезоната ќе си замине од клубот. Негов нов предизвик ќе биде Бундес лигата и ќе го облече дресот на Лемго.
  • Ривалот на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, АЕК Атина, се ослободи од двајца ракометари. Станува збор за алжирските интернационалци – десниот бек Абдераим Берија и кружниот напаѓач Софијан Бенџилали.
  • Женската репрезентација на Холандија не успеа да ја одбрани светската титула на шампионатот во Шпанија, па ќе има нов предводник. Моник Тејстерман беше на клупата на „лалињата“ само за Мундијалот.
  • Откако го донесе Анте Кудуз, романскиот првак Динамо Букурешт обнови договори со четворица ракометари. Иранскиот голман Саид Хејдарирад го продолжи договорот до 2024 година, исто како левото крило Андреј Негру и средниот бек Октавијан Бизау. Договор на уште една година потпиша десното крило Валентин Јонеа.
  • Некогашната голема надеж на хрватскиот ракомет, Петар Топиќ, кој сега е унгарски репрезентативец, на лето ќе има нов клуб. Топиќ, кој беше нарекуван „новиот Игор Вори“, и кој своевремено играше за Металург и Пелистер заминува од Балатонфуреди и од лето ќе ги брани боите на Татабања.
  • Гинтарас Савукинас ја одработува третата сезона како тренер на украинскиот првак Мотор Запорожје. Раководството е задоволно од неговата работа, па договорот му беше продолжен до 2024. Нов двегодишен договор со Мотор потпиша и голманот Генадиј Комок.
  • Ривалот на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, францускиот тим, постигна договор со јапонскиот среден бек Косухе Јасухиро. 21-годишниот Јапонец играше на СП во Македонија за кадети, а сега ќе се обиде да му помогне на Ним, кој има проблеми со повредите на Жан Жак Аквијо, Кентан Минел и Ахмед Хешам.