Трансфер во најава: Вецлар го бара Филип Кузмановски!

Бундеслигашот Вецлар има голема желба во своите редови да го види македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски кој има и конкретна понуда за трансфер. Тој во моментов игра за екипата на Хановер, но можно е деновиве да задолжи нов дрес и да го смени клубот.

Во стручниот штаб на Вецлар се Хрвоје Хорват и нашиот Филип Миркуловски, кои ги знаат квалитетите на Кузмановски и радо би го виделе во ростерот на клубот во продолжението на сезоната каде Вецлар се бори за опстанок.

Кузмановски би можел да си замине од Хановер на половина година од истекот на договорот поради малата минутажа што ја добива оваа сезона од тренерот Kристијан Прокоп, а добрата форма од националниот тим на СП ќе се обиде да ја продолжи во тимот на Вецлар.

Битолчанецот, кој по настапите за матичниот клуб и за Металург, замина во Магдебург, а во 2020 дојде во Хановер по барање на Антонио Карлос Ортега и потпиша тригодишен договор. Но многу е веројатно дека нема да го одработи до крајот и ќе побара друга клупска средина.

Во Вецлар во моментов настапуваат дузина балкански ракометари – Црногорците Чавор и Чепиќ, Србинот Николиќ, како и Словенецот Новак, па Кузмановски сигурно нема да има проблем околу адаптацијата.

На левата бековска позиција, Вецлар ги има само швајцарскиот репрезентативец Лени Рубин и Германецот Хенрик Вагнер, но со оглед на силниот ритам на натпревари во Бундес лигата, Кузмановски ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети.

Вецлар во новата сезона има само четири победи на 18 одиграни натпревари и до јуни ќе бие тешка битка за опстанок во бундеслигашкото друштво.