ТРАНСФЕР БОМБА: Мае незадоволен во Веспрем, се враќа во Бундес лигата?

Францускиот репрезентативец Кентан Мае, кој моментално го носи дресот на унгарскиот вицепрвак Веспрем, би можел да се врати во Бундес лигата, пренесува германскиот таблоид ,,Bild’.

Според споменатиот медиум, меѓу ракометните кругови во Германија сѐ почести се гласините за камбек на искусниот ракометар во најсилната лига на светот.

Французинот се поврзува со трансфер во Хановер, клуб кој моментално се наоѓа на 6. позиција во Бундес лигата.

Шпекулациите за евентуалната преселба на Мае во Германија започнаа откако раководството на Веспрем најави нови засилувања, па така во следната сезона францускиот репрезентативец најверојатно нема да добива голема минутажа.

Мае во редовите на Веспрем пристигна во текот на 2019 година од Фленсбург, клуб каде што мина три сезони. Во Германија настапуваше и за екипите на Хамбург и Гумерзбах. Со неговиот актуелен клуб има договор до 2024 година.