Томовски го доби мак-двобојот во Германија: Лудвигсхафен со голем триумф среде Штутгарт

Во рамките од 18.коло од Бундеслигата силите ги одмерија Штутгарт и Лудвигсхафен. Натпреварот заврши со резултат 26:29 за екипата на Лудвигсхафен. Ова беше и двобој помеѓу македонските репрезентативци, Жарко Пешевски и Мартин Томовски.

Ракометарите на Лудвигсхафен одлично го започнаа натпреварот и имаа водство од 0:2 во првите пет минути. Одличен на голот на гостинската екипа беше Мартин Томовски кој со одлични интервенции ја одржуваше предноста на својата екипа. Највисокото водство Лудвигсхафен го имаше во 20. минута, 5:9. Во преостанатиот дел, Кристиан Климек и Пасквал Дурак, со своите голови овозможија водство на својот тим од 8:13 во првиот дел.

Доминацијата на Томовски и неговите колеги продолжи и во вториот дел. Веќе во 36.минута резултатот беше 8:17 за гостите. Екипата на Штутгарт првиот гол во вториот дел го постигна дури во 38. минута. Домашниот голман, Прост Примож и одличната одбрана беа причина ракометарите на Штутгарт да се вратат во игра и да го намалат водството на 15:19. Во последните десет минути главно се играше гол за гол.

Ова беше трета победа за екипата на Лудвигсхафен во овогодинешната сезона. Томовски одигра солидна партија и имаше осум интервенции. Жарко Пешевски  успеа еднаш да се запише во листата на стрелци на овој натпревар.