Тимот на Парондо доби две големи засилувања – потпишаа Малашинскас и Касадо!

Екипата на Мелсунген, која и во следната сезона ќе биде предводена од екс тренерот на Вардар, Роберто Парондо, за следната сезона создаде тим кој ќе може целосно да им парираа на најдобрите бундеслигашки клубови во борбата за првите позиции на табелата.

Раководството на клубот денеска преку својата клупска страна ги потврди трансферите на уште двајца ракометари. Станува збор за репрезентативецот на Литванија, Аиденас Малашинскас, кој последните месеци од минатата сезона ги мина во редовите на Адемар Леон, откако одлучи да го напушти Мотор Запорожје поради ситуацијата во Украина, и репрезентативецот на Шпанија, Аугустин Касадо.

Малашинскас од сезона 2015/16 настапуваше за украинскиот шампион. Во својата кариера го носеше дресот и на Ла Риоха, Грањолерс и Каунас. Репрезентативецот на Литванија со екипата на Мотор Запорожје играше во Лигата на шампионите и се очекува да биде вистинско засилување во тимот на Парондо.

Касадо во редовите на амбициозниот тим на Мелсунген ќе пристигне од Ла Риоха, тим со кој забележа солиден успех минатата сезона во Лига на Европа, а на домашна сцена со својот тим ја освоија 6. позиција.  Репрезентативецот на Шпанија беше прогласен и за најдобар среден бек во Асобал лигата за сезона 2021/22 и во бундеслигашот ќе остане само една сезона, бидејќи од наредното лето ќе го носи дресот на унгарскиот гигант Веспрем.

26-годишниот ракометар заедно со Елвар Јонсон, Домагој Павловиќ, Паул Компенханс и новиот ракометар, Аиденас Малашинскас, ќе ја сочинуваат средната бековска позиција во новата сезона, па така тренерот Парондо ќе има поголем избор на ракометари за споменатата позиција.

Претходно Мелсунген ги ангажираше и Иван Мартиновиќ од Хановер, Давид Мандиќ од Загреб, Адам Моравски од Висла Плоцк и екс членот на Вардар, Рожерио Мораеш Фереира кој со екипата на Бенфика ја освои титулата во Лига на Европа во минатата сезона.