Тиквеш два пати ќе тестира со ПАОК

Македонскиот претставник во Европскиот Куп, Тиквеш од Кавадарци, следниот понеделник ќе ги започне подготовките за новата сезона во која го чекаат големи предизвици.

Тимот предводен од Никола Матлиески ќе одигра неколку пријателски натпревари како дел од подготовките, меѓу кои ќе бидат и двата меча со ПАОК од Солун, екипата каде брани македонскиот голман Виктор Гигов.

Првиот меч меѓу Тиквеш и ПАОК е на 26 август во Солун, додека вториот ќе биде на 30 август во Кавадарци. Екипата од Солун ќе тестира и со други македонски екипи.

Покрај овие дуели, кавадарчани ќе одиграат контролни натпревари и со Вардар Неготино, Прилеп и Пролет.

Кавадарчани ќе играат против австрискиот Кремс во Европскиот Куп, додека во суперлигашкото друштво се најдоа во група со Струга, Охрид, Куманово, Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2 и Аеродром.