Тешка победа на Келце против ослабениот ПИК Сегед

Со дуелите помеѓу Келце – ПИК Сегед и Алборг – Мотор беше отворено второто коло од Лигата на шампионите.

Полскиот шампион Келце потешко од очекувањата стигна до победа од 26:23 против ослабениот ПИК Сегед на кој му недостасуваа многу стандардни играчи. Избраниците на Талант Душебаев имаа контрола на резултатот од почетокот, но ПИК Сегед постојано беше на гол или два негатива.

Келце поведе 5:2, потоа ПИК Сегед намали на 6:5  не дозволи противникот да се одлепи. Сепак до крајот на првото полувреме успеаја да стигнат до највисока предност од 12:7.

Во продолжението силниот отпор на ПИК Сегед продолжи, постојано беа на два-до три негатива и закана за водството на Келце. За прв пат во вториот дел гостите намалија на минус еден при резултат 23:22 но немаа сили за изненадување. Во последните минути ракометарите на Келце сигурно го приведоа дуелот до крај за прва победа во Лигата на Шампионите.

Голманите Миклер и Вулф на двете страни имаа добри изданија и собраа по 12 интервенции, а најефикасни беа Кањелас со 11 и Радивојевиќ со шест гола.

Алборг имаше убедливо издание на свој терен против украинскиот Мотор Запорожје и славеше со високи 38:29. Уште во првото полувреме ракометарите на данскиот тим најавија дека се решени да дојдат до победата. После 4:4 го преземаа водството и до крајот на првиот дел обезбедија четири гола предност, 17:13. Во вториот дел со пубедлива игра стигнаа до висока победа.