Текстилец му „подари“ победа на Младост (ВИДЕО)

Ракометарите на Младост Богданци и Текстилец одиграа неизвесен натпревар во рамки од 2. коло од Првата лига, а на победа се радуваше тимот на Младост, кој со голот на Антонио Николоски од пенал обезбеди триумф од 35:34. На овој натпревар беа досудени вкупно 15 седмерци, шест за домаќините и девет за гостите од Штип.

Домашната екипа во последните минути од дуелот од готово направи вересија и дозволи ракометарите на Текстилец целосно да се вратат во игра. Текстилец ја диктираше играта во најголемиот дел од првиот дел, но по водството од 9:5, домаќините со серија од 6:0 ја презедоа предноста и поведоа со 11:9. Младост до крајот на првото полувреме имаше активен резултат и на полувреме замина со водство од 19:15.

Избраниците на Стоилов во вториот дел доминираа до самиот крај и сето она што го градеа низ играта во вторите 30 минути го загубија на многу лесен начин. Младост на две минути пред крајот имаше залиха од два гола предност, 34:32. Сепак, гостите не се предаваа, намалија на 34:33 и на пет секунди го израмнија резултатот на 34:34.

Ракометарот на Текстилец, Васе Петров беше невнимателен на крајот и поради тоа што го попречи нападот на домаќинот во недозволениот простор, беше досуден пенал за Младост. Николоски ја презеде одговорноста во свои раце и му ја донесе втората победа на својот тим во новата сезона.

Најефикасен во победничката екипа беше токму херојот на натпреварот, Антонио Николоски со 11 погодоци. Во поразениот табор голгетерски расположен беше Васе Петров, кој постигна дури 14 гола, но на крајот беше трагичар за својот тим.