Текстилец го реши Кичево, одлуката падна во второто полувреме

Текстилец на домашен терен оствари победа против Кичево со 30:24 во рамките од 13. коло од плеј-аут групата во Првата лига.

Избраниците на Драган Којчески изненадно тргнаа во водство во воведниот дел од натпреварот. По десет минути игра, Кичево беше во предност од 5:3.

Домаќините конечно заиграа добро во нападот и преку Јовановски во 24. минута израмнија на 10:10. Неизвесно беше и во последните пет минути во првиот дел, а на полувреме Текстилец имаше предност од 13:11.

Во вториот дел беше скршен отпорот на гостинскиот состав. Со серија од 6:0, Текстилец стигна до високо водство од 22:13 во 42. минута. Преостанатиот дел беше само формалност и потврда на освојување на бодовите од страна на Текстилец.

Најефикасни во победничката екипа беа Александар Димитров и Стојанче Ристов со седум гола. Во составот на Кичево, Константин Љакоски ги предводеше стрелците исто така со седум погодоци.