Тасески со 13 гола го водеше Кичево до триумф кај Текстилец

Ракометарите на Кичево во рамките од Првата лига славеа на гостувањето во Штип против Текстилец со 29:24. За екипата на Кичево освоената победа беше четврта и со новите бодови има шанса да се бори за подобра позиција во рамките од Групата Б.

Натпреварот мина во интересна борба на двете страни, со резултатска тензија и нијанси одлучуваа кој ќе победи во денешниот дуел. Во првите 30 минути, домаќините беа подобри на теренот. Сепак, водството на Текстилец кое главно беше до четири гола разлика, не беше доволно за сигурна победа бидејќи противничката екипа лесно ја казнуваше секоја грешка. Штипјани на полувреме заминаа со минимална предност од 13:12.

Во второто полувреме, џокерот од кичевскиот состав, Тасески, беше непогрешлив и со неговите погодоци, Кичево полека фаќаше ритам кон сигурна победа. При резултат од 26:21 за Кичево, јасно беше дека домаќините ќе имаат тешка задача за камбек.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Кичево, Мојсе Тасески со 13 погодоци, 10 постигна во второто полувреме. Во поразениот табор најефикасен беше Никола Јованов со шест погодоци.