Танкоски: Мора да се подигнеме за да извлечеме убави резултати

По поразот од Војводина, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги чека ново тешко гостување во регионалната СЕХА лига.

Битолчани ќе му гостуваат кај Нексе Нашице, а средниот бек Марио Танкоски се надева дека впечатокот ќе биде поправен.

„Нексе оваа година игра добар ракомет, први се во групата во Лигата на Европа. Се работи за одлична екипа, но и тие во Нови Сад убедливо загубија и лошо играа, исто како и ние. Овој натпревар и за нас и за нив ќе биде можност за поправање на впечатокот. По репрезентативни настапи нормално е да има вакви осцилации. Ќе бидеме подобри во следниот период, ни претстои тежок февруари и два натпревари секоја недела. Мора да се подигнеме за да извлечеме убави резултати“, вели Танкоски.

Натпреварот меѓу Нексе Нашице и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре со почеток во 18:00 часот.