Танкоски: В сабота против Вардар мораме да бидеме подобри

Централниот бек на екипата на Еурофарм Пелистер, Марио Танкоски денеска во победата од 38:23 против тимот на Бутел Скопје постигна три гола со што имаше свој придонес во победата.

Тој смета дека не беше така лесно како што покажува резултатот и дека Бутел бил добар противник.

„Според резултатот делува дека поминавме многу лесно на овој натпревар, но не беше воопшто така. Се потрудивме да го добиеме овој дуел, но не беше воопшто лесно. Нашата подолга клупа имаше одлучувачка улога во второто полувреме кога противникот доживеа пад во играта и не можеше да следи“, рече после натпреварот Танкоски.

За финалето в сабота смета дека ќе мораат да бидат далеку подобри доколку сакаат да ги остварат плановите односно да дојдат до триумф.

„Против екипата на Вардар в сабота ќе мораме да одиграме многу подобро отколку на првиот натпревар во плеј-офот. На натпреварот од првенството одигравме навистина лошо и во одбрана и во напад и тоа не смее да ни се повтори. Мораме да одиграме подобро и очекувам и да постигнеме подобар резултат“, изјави Танкоски после дуелот против Бутел Скопје.

Финалето против Вардар в сабота се игра исто така во салата во Автокоманда со почеток во 17:30 часот.