„Сум слушал многу за атмосферата во Битола, штета што трибините беа празни“

Екипата на Магдебург го доби првиот дуел од двобојот против Еурофарм Пелистер во Битола со 32:24 од осминафиналето од Лигата на Европа. Со ова практично е одлучен двобојот бидејќи ќе биде тешко во Германија следниот вторник да се надомести.

Гостинскиот стратег Бенет Вигерт е задоволен од убедливата победа, но вели дека и на реваншот ќе влезат максимално.

„Јас сум првпат во Битола, ама сум слушал многу за атмосферата што ја прават навивачите и штета што трибините беа празни. Сериозно влеговме во овој натпревар, одлично се справивме со одбраната на Еурофарм Пелистер и игравме според договореното во нападот. Се изборивме за добра предност пред реваншот, но со многу сериозен пристап ќе бидеме и на тој натпревар. Ова е само еден чекор поблиску до нашата цел, а таа е пласман во завршниот турнир“, изјави Вигерт.

Реванш дуелот меѓу овие две екипи се игра следниот вторник во „Гетек Арена“ со почеток во 18:45 часот.