СТРУГА 2022: Стружани уверени – турнирот е причина што градот е расадник на ракометари!

Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!

На Струшкиот турнир, единствена екипа што секоја година настапува е токму домаќинот Струга. Екипата лани го осигура местото во суперлигашкото друштво, но претрпи големи промени во играчкиот состав. Учеството на Струшкиот турнир ќе биде и мотив плус на домаќинот да се надигрува со далеку поквалитетни екипи и да се покаже во солидно светло пред својата публика.

Еден од поискусните ракометари во Струга, поранешниот репрезентативец на Македонија, Бобан Блажески очекува со неговите соиграчи да имаат добри партии ја јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир.

„Како и секоја година, така и оваа, турнирот има меѓународен карактер каде ќе учествуваат европски екипи, како и нашите најдобри македонски екипи. Наша цел на овој турнир е да одиграме најдобро што можеме и да бидеме достоен противник без оглед на тоа што се работи за доста подмладена екипа. На Струшкиот турнир ќе настапиме со комплетен состав и во блиска иднина очекуваме уште неколку засилувања во нашиот тим. Струга оваа година слави јубилејни 50 години од најдолговечниот ракометен турнир, каде половина век се одржува традицијата од европски и светски рамки”, изјави Блажески.

Десното крило на Струга како најголеми фаворити на турнирот ги истакна македонскиот шампион Вардар и вицепрвакот на Македонија, Еурофарм Пелистер.

„Мислам дека на ова издание ќе биде најнеизвесна битката за трофејот. Според мене, најголеми фаворити се Вардар и Еурофарм Пелистер. Главна цел на Струга во новата сезона ќе биде опстанок во Суперлигата, но доколку ни се пружи шанса за плеј-оф, секако дека ќе гледаме да ја искористиме”, заврши Блажески.

Членот на стручниот штаб Жарко Ферукоски, очекува исто така достојно претставување на стружани на турнирот.

„Се работи за јубилејно издание на Струшкиот турнир, на кој наша цел ќе биде што подобро претставување и воигрување бидејќи се работи за релативно нва екипа. Исто така посакуваме Струга да игра брз и модерен ракомет. Во потрага сме уште по десен бек и голман со кој ќе го затвориме ростерот“, вели Ферукоски.

Тој смета дека Струга е расадник на ракометари токму поради турнирот.

„Јас знам за турнирот уште како дете и како член на пионерскиот тим на Струга. Се сеќавам на тогашните ѕвезди како Вујовиќ, Вуковиќ, Исаковиќ, Стинга, Рниќ…кои играа на турнирот. Нашиот клуб е препознатлив токму поради турнирот и сметам дека нашиот град е расаданик на толку многу ракометари репрезентативци поради овој турнир“, заврши Ферукоски.

СТРУГА 2022: Струга – домаќинот посакува достојно претставување против поискусните ривали

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.