СТРУГА 2022: За Целје и Тоскиќ ова е ново искуство – „не играме често на отворено и пред полни трибини“

Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!

Еден од учесниците, кои што има освоено трофеј на Струшкиот турнир е поранешниот европски првак Целје. Словенечкиот шампион при првото учество на турнирот во Струга (2018), славеше во финалето против романската Констанца со 25:24. Раководството на клубот за претстојната сезона реши дел од подготвителниот период екипата да го одработи во Струга каде ќе учествува на Струшкиот турнир, кој ова лето го има јубилејното 50.издание. Целје заедно со екипата на АЕК Атина и Татран Прешов ќе бидат годинешните странски учесници во Струга.

Клубот од клупата е предводен од екс ракометарот на Вардар, Алем Тоскиќ, во новата сезона освен на домашна сцена ќе учествува и во Лига на шампионите. Целје во елитното клупско натпреварување се враќа по пауза од една година и сигурно натпреварите на Струшкиот турнир максимално ќе бидат искористени за подигнување на формата и воигрување на екипата.

Тренерот на Целје, Алем Тоскиќ истакна дека во Струга ќе допатува со речиси сите ракометари, ќе недостасува само кадетскиот репрезентативец на Србија, Вукашин Антонијевиќ поради репрезентативни обврски, но тоа нема да претставува голем хендикеп, бидејќи Целје на средната бековска позиција ќе ги има на располагање Митја Јанц, Алекс Влах и Тилен Стрмљан. Тоскиќ за Струга како град и за Струшкиот турнир како еден од најдобрите во Европа имаше пофални зборови.

„Доаѓаме во Струга да ја подигнеме нашата физичка спремност пред почетокот на сезоната. Ќе одиграме само еден пријателски натпревар пред да дојдеме во Струга, па ќе биде многу интересно да се види во каква форма ќе бидеме тогаш. Натпреварите на Струшкиот турнир ќе ни бидат многу добредојдени за добро да се подготвиме за претстојната сезона. Во Струга ќе дојдеме со речиси комплетен состав. Ќе недостасува само кадетскиот репрезентативец на Србија, Вукашин Антонијевиќ. Сите останати 18 играчи ќе ни бидат на располагање за турнирот во Струга, на кој учествувавме во 2018 година и имаме позитивно искуство од тоа време. Немаме многу можности да играме на отворено и пред полни трибини како во Струга. Градот е многу убав и мило ни е што повторно сме дел од овој турнир”, изјави Тоскиќ.

Целје на Струшкиот турнир е во група заедно со Вардар, Бутел Скопје и Алкалоид. Според Тоскиќ, натпреварот со „црвено-црните“ ќе биде најтежок, но и против Бутел и Алкалоид ќе треба да се даде максимумот. Што се однесува до амбициите на домашна сцена, клубот ќе оди на освојување на Куп трофејот и одбрана на титулата во Супер лигата, а на европска сцена, односно во Лига на шампионите клубот ќе даде сѐ од себе за да се покаже во добро светло.

„Сигурно екипата на Вардар е најпознатиот противник и натпреварот против оваа екипа ќе биде навистина тежок. Исто така, формата на останатите екипи за нас е непозната. Тоа значи дека на тие натпревари ќе треба максимално да влеземе. Тешко е да се каже кој тим е во најдобра форма во моментов. Сигурно дека Вардар и Еурофарм Пелистер имаат одредена предност бидејќи играат на „домашен терен“, АЕК Атина и Татран Прешов се исто така тешки противници. Кој тим ќе биде во најдобра форма во моментот ќе го реши победникот на турнирот. Нашите цели секогаш се поврзани со освојување на домашната лига и Куп трофејот. Овие две натпреварувања се најважни за нас. Во Лигата на шампионите имаме навистина тешка група, па ќе се бориме од натпревар во натпревар. Исто така, нашата цел е да промовираме некои млади играчи”, заврши Тоскиќ.

Капитенот на Целје, Алекс Влах очекува секој од неговите соиграчи да се покаже во добро светло на Струшкиот турнир.

„Во Струга доаѓаме по три недели подготовки во кои одигравме само еден натпревар со Констанца. Значи, наше е да играме се подобро и подобро од натпревар во натпревар и да ја подобруваме формата пред почетокот на новата сезона. Ќе имаме четири силни натпревари, што многу ни значи бидејќи во Струга доаѓаме со нов тим кој нема големо меѓународно искуство. Во Струга ќе настапиме речиси со комплетен состав, Секој од играчите ќе се бори за своите минути и ќе се обиде да се покаже во добро светло. Целје еднаш беше во Струга и го освои овој турнир. Од играчите кои годинава доаѓаат во Струга, таму со Целје играше само Гал Маргуч. Сите останати ќе настапиме за првпат на турнирот”, изјави Влах.

Овој 25-годишен ракометар очекува тешки и неизвесни натпревари на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“. Средниот бек на Целје како фаворити во сенка ги истакна Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Добивме група со три македонски клубови и сигурно нема да биде лесно. Ќе треба да ја дигаме формата од натпревар во натпревар за што поподготвени да се соочиме со Вардар. Сигурно ќе гледаме добри и силни натпревари и тоа е најважно во оваа фаза од подготовките. Можеби има 5 екипи, кои се малку посилни, но никој сигурно нема да се предаде пред почетокот. Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат речиси на домашен терен и поради тоа на ниту еден тим нема да му биде лесно против нив. АЕК Атина и Татран Прешов се секогаш непријатни. Одиме натпревар по натпревар и најважно е да бидеме се подобри и подобри до крајот на турнирот. Наш приоритет е секогаш да ги освоиме првенството и купот на Словенија. Без него нема европски натпреварувања, кои се важни за нас поради навивачите и спонзорите. Оваа сезона ќе играме во Лигата на шампионите. 27 пати во историјата на натпреварувањето, сме во многу силна група и секој натпревар ќе биде тежок. Но, знаеме дека никому нема да му биде лесно во Златорог, каде на секој натпревар ќе го оставаме срцето на теренот”, заврши Влах.

СТРУГА 2022: Целје – некогашниот европски првак со нови лица по нов трофеј на Струшкиот турнир

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.