СТРУГА 2021: Еурофарм Пелистер во неизвесен финиш го совлада Металург

Екипата на Еурофарм Пелистер имаше победнички старт на Стуршкиот турнир и во својот прв натпревар од Групата 2 го совлада Металург со 25:24.

Составот на Еурофарм Пелистер многу сериозно и ангажирано го почна натпреварот и од самиот старт го контролираше резултатот. Битолскиот тим имаше водство од 4:2 и 8:5. Веќе во 17. минута избраниците на Бабиќ имаа 10:6 со што најавија лесна победа на натпреварот.

Ракометарите на Металург имаа многу проблеми во нападите, цврстата одбрана на Еурофарм Пелистер им создаваше многу проблеми. Единствен расположен за реализација во првите дваесетина минути во Металург беше Златко Хорват со пет гола.

Следуваше период кој целосно им припадна на ракометарите на Металург, Табоада беше исклучен, а Металург знаеше да го казни тоа. Во 22. минута тимот од Автокоманта успеа да израмни на 11:11. Новото лево крило Рибеиро постигна брзи три гола за во 24. минута Металург да го има првото водство. Така беше и на полувреме кога Металург имаше минимална предност од 14:13.

Второто полувреме се играше доста израмнето, ниту една од екипите не успеваше да направи поголема предност и најчесто беше еден позитива за едниот или другиот тим. Голманите Секељ и Дупјачанец имаа одлични изданија и ја одржува неизвесноста до крај.

Еурофарм Пелистер на седум-осум минути до крај имаше три позитива, 23:20 но Металург уште еднаш успеа да израмни. Натпреварот влезе во неизвесна завршница, на 90 секунди до крај Еурофарм Пелистер имаше напад за два позитива, но Дупјачанец одбрани, додека Езтурк израмни на 24:24. Табоада погоди за 25:24 за Еурофарм Пелистер и останаа триесетина секунди за напад на Металург да избегне пораз, но ракометарите на тимот од Автокоманда не успеаја да реализираат.

Најефикасен во победничкиот тим беше Божиќ-Павлетиќ со седум гола, Табоада постигна шест додека Мандалиниќ погоди петпати. Во екипата на Металург прв стрелец беше Златко Хорват со девет гола, а Дупјачанец имаше девет интервенции.

Со овој пораз Металург заврши последен во Групата 2, додека за првото место утре ќе се борат Еурофарм Пелистер и Тиквеш.