СТРУГА 2020: Мирна вечер за Вардар, се штедеа силите за финалето

Со мирна игра во текот на сите 60 минути ракометарите на Вардар дојдоа до трета победа во три дена на Струшкиот турнир и утревечер ќе играат во финалето против Еурофарм Пелистер. Денеска тимот на Вардар славеше против Бутел Скопје со 25:17 и на тој начин ја оправда улогата на фаворит.

Можеби пред натпреварот се очекуваше ова да биде убедлива победа за Вардар и лесни два бода, но мораше да се одработи според планот односно да се одиграат 60 минути и да се заштедат силите за утревечер кога е главниот дуел.

Од почетокот на средбата тимот на Вардар беше во водство. До 11. минута се играше гол за гол, а резултатот беше 3:3 кога конечно беше направена предност од два гола. Сепак, немаше преголемо водство така што мораше да се игра и понатаму одговорно. До крајот на првиот дел беше зачувано водството од три гола и на одмор се замина со плус три гола разлика.

Во вториот дел одново како и на стартот се играше гол за гол. Немаше многу погодоци, па главно вниманието беше во одбраната. Клучниот период беше после 40. минута. Од 41. до 54. минута тимот на Бутел Скопје немаше погодок, а во тој период Вардар стигна до 5:0 и отиде на сигурна предност.

На четири минути пред крајот водството беше осум гола и се имаше 24:16 така што се влезе во мирна завршница за да се дојде до конечен триумф и уште два бода со кои само беше потврдено првото место во Групата А. До крајот имаше уште по еден гол на двете страни, па конечните 25:17 беа доволни за уште еден триумф на шампионот.