СТРУГА 2020: Еурофарм Пелистер најде лек, го запре првакот на Европа и освои трофеј

Актуелниот првак на Европа, Вардар во првото финале во оваа година не успеа да се покаже во издание какво се очекуваше и во мечот за трофејот на Струшкиот турнир беше претрпен пораз од 26:23 против тимот на Еурофарм Пелистер. Во игра во која 60 минути не беше речиси ништо на потребното ниво на крајот и не можеше до нешто повеќе.

Од почетокот финалето тргна во неизвесност. И на двете страни имаше расположени играчи, а Вардар успеа да ги добие првите неколку минути и да поведе со 3:2. Сепак, ова не носеше многу сигурност.

Неколку лоши моменти во нападот и недоволно концентрирана игра во одбраната направија промена односно донесоа можност за тимот на Еурофарм Пелистер да се избори за водство. Некаде после средината на првиот дел дојде до два позитива за тимот од Битола и предност од 8:6 така што ова најави поголеми возбудувања во продолжение.

Вардарци мораа да го кренат нивото на игра и успеаја да се вратат за на одмор да се замине со нерешени 13:13.

Вториот дел почна лошо за актуелниот европски првак. Еурофарм Пелистер казни од стартот и стигна до водство од 16:15, а потоа во моменти кога имаше два играчи помалку на терен работите дојдоа уште подобро за битолчани. Стигнаа до 18:15 и ова беше мал аларм за „црвено-црните“.

И во една таква ситуација не одеше најдобро. Немаше многу простор за игра во нападот, а тоа отвори простор за Еурофарм Пелистер уште повеќе да зголеми. На нешто повеќе од 16 минути до крајот резултатот беше 21:17 и тука веќе почна да станува многу потешко.

Калараш имаше неверојатни можности да го врати Вардар во игра за победа, но промаши два зицери кои лесно завршија со одбрана на Чаневски. Кога нема да се искористат вакви шанси тогаш доаѓа казна, а следуваше од Танкоски на десет минути до крајот кога резултатот беше 23:18. Тоа беше веќе најава дека победникот е веќе речиси познат.

Во завршните пет минути предноста на Еурофарм Пелистер беше намален на три гола, но при 26:23 за битолчани Чаневски симна уште еден зицер овој пат на Дибиров и тука веќе сите надежи за нешто повеќе на Вардар беа згаснати. Победата беше дефинитивно за тимот од Битола, кој дојде до 12. пехар на турнирот во Струга.

Последната минута донесе и една несакана сцена во која имаше краток прекин. Црвени картони добија Талески и Стоилов во Вардар, а Кушан во Еурофарм Пелистер. Сепак, победата на крајот беше за тимот од Битола кој со 26:23 стигна до голем триумф над актуелниот првак на Европа.