Струга го среди Алкалоид и оди на Ф4, за титула ќе се борат Тиквеш, Бисинов и Рисови!

Тимот на Струга ќе ја брани титулата од минатата сезона во пионерската машка лига откако во четвртфиналниот натпревар славеше над Алкалоид, со резултат 16:19 (9:8).

На Ф4 турнирот во пионерската машка лига, освен Струга, место обезбедија и екипите на Бисинов, Рисови и Тиквеш. Во споредба со ланскиот Ф4, само Струга и Тиквеш се пласираа меѓу најдобрите четири тимови.

Екипата на Бисинов на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 оствари убедлива победа со седум гола разлика, 13:20 (3:8).

Клубот кој постои само три години, Рисови од Скопје, успеа да направи голем успех обезбедувајќи дебитански настап на Ф4 турнирот кај пионерите. На гостувањето во Прилеп против истоимената екипа, ракометарите на Рисови обезбедија триумф, со кој ќе имаат шанса да се борат за шампионската титула за оваа сезона.

Екипата на Тиквеш на свој терен беше подобра од Еурофарм Пелистер со три гола разлика, 23:20 (9:8). Домаќинот на Ф4 турнирот ќе се знае дополнително, а тој ќе се игра следниот викенд.