Струга беше и остана голем расадник на талентирани ракометари

Градот покрај Охридското езеро дава голем придонес во развојот на македонскиот ракомет со постојаното појавување на нови таленти. Од Струга произлегле голем број на ракометни имиња како Наумче и Златко Мојсоски, Никола и Велко Маркоски, Ненад и Никола Косетски, Ацо Јоновски, Цветан Кузманоски…

Од најстарата генерација на Струга можат да се издвојат имињата на Славчо Каланоски, Новко Ѓорѓиевски, Горан Попоски, Ристо Калајџиески… Некои од споменатите беа или уште се инволвирани во ракометот на разни начини.

И покрај финансиските турбуленции кои се случуваат и се случувале во Струга, денес клубот го има задржано суперлигашкиот статус, иако се случуваше екипата да има лоши резултати, па поради тоа да се натпреварува во понизог ранг на натпреварување. Струга како вечен расадник на млади ракометари и оваа година покажа дека ракометот е спорт број еден во нивниот град.

Но, проблемите воопшто не постојат за ракометарите кои го оставаат срцето на терен и заедно со целиот стручен штаб остваруваат одлични резултати и во младинските категории во Македонија.

Таков пример е пионерската екипа на Струга која оваа сезона го освои првото место во пионерското првенство, иако пред самиот старт воопшто не се сметаше за еден од фаворитите за титулата. Покрај пионерската екипа, кадетската екипа на Струга имаше забележителни резултати и учествуваше на фајнл-фор турнирот во кадетското првенство.

Еден од тренерите на пионерската екипа на Струга, Жарко Ферукоски за 24 Ракомет изјави дека храброто срце секогаш победува, а неговите играчи покажале карактер и тимска игра на најважните натпревари, полуфиналето и финалето. Заедно со неговиот колега, Кристијан Мечкароски остварија одлични резултати како предводници на пионерската екипа на Струга.

„До титулата во пионерската лига стигнавме на лесен начин, во група со екипи како Охрид, Металург и Еурофарм Пелистер изборивме пласман на самата завршница. Во финалето го совладавме составот на КЛ 7 и стигнавме до првото место. Сепак, не е толку лесно да се постигне овој резултат, потребно е труд, време и посветеност. Плус ја имавме ситуацијата со Ковид-19 која ги отежнуваше работите. Пионерите на Струга покажаа карактер на најважните натпревари, а дел од нив се наметнуваат и за сениорскиот тим, играат модерен ракомет и сосема сум задоволен од нивната игра, нормално има некои работи кои треба да се корегираат”, вели Ферукоски за 24Ракомет.

Од пионерскиот состав на Струга како идни надежи за сениорската екипа се истакнуваат неколку ракометари: Филип Мечкароски, Јован Петрески, Илија Пејчиноски, Филип Велјаноски и другите кои прикажуваат солидни настапи. Освоената титула во пионерскиот шампионат и добрите резултати во другите младински категории се само потврда дека во Струга добро се работи со младите ракометари и покрај тешките услови.