Tarabokija familijarno

Странците во мак-клубовите едногласни: „Кај и да си, за Божиќ дома да си!“

Редакцијата на 24ракомет.мк им го честита католичкиот Божиќ на сите оние кои го слават!

Голем дел од ракометарите кои настапуваат во македонските клубови се верниците од католичка вероисповед, кои денеска го слават Божиќ. Некој за првпат по четири години е дома за овој празник, за некој приновата во семејството е најубавиот подарок под елката, некој се радува само на тоа дека ќе биде дома со најблиските…

Сите се едногласни дека ќе бидат многу внимателни поради пандемијата од коронавирусот, ќе празнуваат скромно и одговорно и со надеж дека многу брзо работите ќе се вратат во нормала.

Металург е клуб кој дури им дозволи на странските играчи да си заминат дома порано, за да бидат со семејството за Божиќ.

„Малку порано ја завршивме полусезоната и навистина е супер што ќе можеме празниците да ги минеме со семејството. Мерките во Хрватска во последнот време се строги, па направивме ПЦР тестови и стигнавме дома, во Загреб, да бидеме со семејството. Овие празници за мене и сопругата Лана ќе бидат посебни затоа што првпат ќе ги прославиме со ќеркичката Марла (нашиот најубав подарок за Божиќ). Традиционално ќе го прославиме во кругот на потесното семејство. Доручек со родителите на сопругата, ручек кај моите родители, а потоа малку ќе прошетаме низ градот. Ќе внимаваме многу поради коронавирусот и дружбите со пријателите ќе мора да почекаат, но се надевам дека ситуацијата брзо ќе се среди. Неколку дена ќе одморам, а потоа ме чекаат подготовки со репрезентацијата, играме квалификации на почетокот на јануари и нема многу простор за опуштање. Им посакувам на сите убави празници и среќна Нова Година“ – вели за 24ракомет Марко Тарабокија по пристигнувањето во Загреб.

Вардарци поради ковид-19 се распуштени од претходно, па дел од нив се вратија дома, но дел празниците ќе ги минат во Скопје.

„Празниците ќе ги минам во Скопје, поради целата ситуација останав тука и не заминав во Германија. Ќе празнувам скромно со мојата девојка. Ќе останеме дома, ќе готвиме заедно и тоа ќе биде сè“ – објаснува Кристијан Дисингер.

Полскиот репрезентативец во Вардар, Партик Валчак, првпат по четири години ќе биде во својот роден град и со семејството, и е пресреќен, иако има само два дена за празнување.

„Поради обврски со националниот тим имам само два дена слободни за Божиќ и ќе ги минам со семејството. Внимаваме многу особено поради ковид-19, па ќе бидеме само мал дел од фамилијата. Сепак, ова ќе биде специјален Божиќ за мене, првпат, после четири години ќе бидам дома за празникот, во мојот роден град. Претходно поради ракометот и професионалните обврски немав шанса да се вратам во Полска, па пресреќен сум што годинава ќе бидам со семејството за празникот“ – потенцира Валчак.

Дома за Божиќ е и голманот Робин Кантагрел. Французинот празникот ќе го мине со својата девојка.

„Нема да биде ништо специјално, ќе го поминеме времето со нашите семејства, кои не сме ги виделе долго време. Ќе подготвиме убави јадења и ќе однесеме подароци. Ќе  прославиме класично, ќе ги избегнеме многуте контакти или големи собири за да ги заштитиме нашите баби и дедовци“, вели Кантегрел.

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ ужива во родниот Сплит. Дома, си е дома…