Стојаноски заврши со Искра, понуди за камбек во Македонија

Голманот Александар Стојаноски, кој во оваа сезона го имаше првиот интернационален предизвик, го заврши својот клупски ангажман во Искра Бугојно.

Стојаноски беше меѓу најзаслужните за обезбедениот опстанок на клубот од Бугојно во босанската елита. Искусниот голман во просек имаше по 13,5 интервенции на натпревар во најквалитетното натпреварување во БиХ.

По одличните настапи за Искра Бугојно, тој на своја адреса доби понуди и за камбек во својата татковина. За Стојаноски интерес има од неколку македонски суперлигаши. Во следниот период треба да одлучи каде ќе ја продолжи својата кариера, бидејќи за неговите услуги се заинтересирани и клубови од БиХ, Чешка, Косово…

33-годишниот голман во својата кариера го чуваше голот на Младост Богданци, како и на Зомимак Струмица, со која настапуваше и во регионалната СЕХА лига.

Бранеше за Охрид, Струга, Јуниор Кисела Вода и Тиквеш, во кој имаше одлични партии во македонскиот шампионат.