Стојанов и Ончев се погрижија за нови бодови за Астраион, го оставија Металург РА на дното

Ракометарите на Астраион ја остварија втората победа во Првата лига во рамки на групата Б откако на домашен терен ја совладаа екипата на Металург РA со 28:26 и го оставија тимот од Автокоманда на последното место без бодови.

Првото полувреме беше максимално израмнето, Астраион отвори со 3:1 но со два гола на Бојан Божиновски Металург РА израмни. Во преостанатиот дел од првите 30 минути најчесто Астраион беше во предност, но само минимална, а на паузата беше нерешено 11:11.

Металург РА имаше подобар старт на второто полувреме и успеа за првпат да стигне до водство. Во 39. минута гостите имаа 15:17, но сепак Астраион со головите на Иванче Ончев брзо ја врати позитивата.

Последните десетина минути од натпреварот Астраион постојано имаше два до три гола позитива која сигурно ја чуваше. Обидите на Металург РА во финишот да избегнат пораз не беа успешни и Астраион освои нови бодови.

Најефикасни во победничкиот тим беа Иванче Ончев со девет гола и Марко Стојанов со седум погодоци. Во екипата на Металург РА најефикасен беше Бојан Божиновски со осум гола, додека Џулијано Христоски постигна шест гола.