Стојановиќ за 24 Ракомет: Плеј-офот го имаме, напролет ќе се бориме за Европа

Екипата на Охрид во досегашниот дел од сезоната покажа одлина форма и успеа да се избори за девет победи, едно реми против Металург во Автокоманда и само еден пораз уште во 1. коло против Пролет во Скопје. Охриѓани сезонава тргнаа со нов тренер, а Раде Стојановиќ она што го најави пред почетокот на сезоната досега и успеа да го оствари.

„Планот кој го имавме зацртано од почетокот на сезоната досега е исполнет речиси во целост. На вистински пат сме за да обезбедиме плеј-оф и можам да бидам задоволен од тоа каков резултат бележиме досега. Мислам дека ќе успееме да финишираме на едно од првите две места во овој дел од сезоната според формата која ја имаме, но главното ќе биде напролет. Како што кажав на почетокот на сезоната ни треба време за да можеме да се уиграме, така и беше. Како што одминуваше времето така успевавме да ја креваме формата и да стануваме сè подобри. Минатата година Охрид се најде во плеј-аут и сега успеавме одново да се вратиме во горниот дел од табелата така што сме речиси сигурни за учество во плеј-офот“, вели Стојановиќ за 24 Ракомет.

Тој смета дека момците досега одработеа на добро ниво и дека може уште да се подобруваат. Имаат големи амбиции, па останува во паузата да се види дали ќе има потреба од засилувања.

„Задоволен сум генерално од залагањето на момците кои се во екипата. Сите се залагаат и го даваат она што го барам од нив и на тренинзите и на натпреварите. Засега сум задоволен од составот кој го имаме. Сепак, прво да завршиме со овој дел од натпреварувањето, па во паузата ќе размислуваме за потоа околу тоа дали ни требаат засилувања. Она во што сум убеден е дека напролет сигурно ќе се бориме за место во некој од Европските купови и очекувам и да дојдеме до него“.

За Стојановиќ ова е втор клуб каде што е тренер, но вели дека ова му е прв ваков предизвик на кој од него се бара атак на пласман во плеј-офот, а со тоа и борба за место во европските купови.

„Јас мојата тренерска кариера ја почнав во Металург 2 каде што работев со млади ракометари. Таму притисокот беше поинаков. Ова сега ми е прв ваков предизвик во кариерата и можам да бидам задоволен како се соочувам со него и како работите се движат. Сметам дека сме на вистинскиот правец и дека засега работиме добро. Имам одлична соработка со раководството на Охрид, а воедно имам и одлични услови за работа“.

Тој покрај ангажманот со клубот ќе има задача за работа и во пионерската селекција, а ќе има тешка задача бидејќи ова е репрезентација во формирање.

„Планот е на 14 и 15 декември да собереме околу 30 деца од цела Македонија кои се родени после 1 јануари во 2004 година. Се работи за генерација на пионери кои треба сега да ги селектираме и да видиме кои од нив би можеле да ги вброиме во потесниот избор. Има добри деца низ целата земја, но треба да го одбереме најдоброто“, изјави Стојановиќ за 24 Ракомет.

Инаку, тој е во завршна фаза и со семинарите за добивање на Мастер тренерска лиценца. Му останува уште третиот модул, а потоа ќе треба да ја брани и својата тема по што ќе му остане само последниот викенд на кој ќе биде доделена лиценцата. Сето ова би требало да биде завршено во декември, а некаде на средината на јануари би требало да се приклучи на списокот на тренери со Мастер лиценца.