Стојановиќ за 24 Ракомет: Одлична полусезона, со тимска игра дојдовме до 13 меча во серија без пораз

Екипата на Охрид финишираше на 2. позиција во регуларниот дел од Супер машката лига, а има мало заостанување од само еден бод зад тимот на Металург. Тоа е доволно за да може напролет да се влезе во интересно продолжение на овој дел од сезоната.

Охрид веќе има место во плеј-офот, па последните четири кола се само формалност. Јасно е дека ќе следува подготовка за плеј-оф дуелите така што ќе биде максимално интересно.

„Задоволен сум од она што успеавме да го постигнеме во текот на оваа полусезона. Особено сум задоволен и поради фактот што после стартниот пораз од Пролет кога уште не бевме ниту доволно уиграни успеавме да врземе дури 13 средби без пораз. Покажавме дека сме хомоген тим и дека играме тимски што секако причинува уште поголемо задоволство“, изјави тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ за 24 Ракомет.

Тој смета дека успеале да ангажираат странски засилувања кои одлично се вклопиле во екипата и успеале да донесат квалитет плус.

„Имавме среќа во изборот на засилувања од страна. Сите ги оправдаа очекувањата, а имаме и одлична голманска двојка. Колку тие се важен дел од нашата одбрана може да се види и од фактот што ја имаме најдобрата одбрана во лигата со 313 примени погодоци што е просек од 22 гола по натпревар. Севкупно сум задоволен како го одработивме овој дел и што ќе имаме можност да играме во плеј-офот напролет и да се бориме за висок пласман“.

За да може да се дочека пролетниот дел во добра форма одморот ќе биде краток.

„Нема да има многу пауза. Ракометарите ќе имаат програма по која ќе треба да работат во периодот додека немаме тренинзи, но после празниците ќе се активираме и ќе стартуваме со работа за пролетниот дел од сезоната“, изјави Стојановиќ.

Охрид напролет ќе има дерби против Металург на домашен терен, а тој дуел ќе го даде одговорот за првото место после регуларниот дел од сезоната.