Стојановиќ заигра повторно ракомет, дојде и на чекор од мастер лиценца (ВИДЕО)

Тренерот на екипата на Охрид, Раде Стојановиќ е на чекор од добивање на мастер лиценца бидејќи остана уште во јануари да ја одбрани темата и да го добие потребниот документ со кој ќе може да води клуб или репрезентација на натпреварувањата од највисок ранг.

Стојановиќ минатата недела беше во Романија каде што го имаше последниот дел од предавањата, па сега останува уште финалната фаза во која ќе мора да го одработи веројатно лесниот дел бидејќи ќе мора да го презентира она што го има сработено како тема за завршниот испит.

Покрај тоа што беше на предавањата, Стојановиќ имаше можност и да учествува на хуманитарен натпревар заедно со другите тренери кои беа дел од овој семинар (натпреварот можете да го погледнете во видеото во продолжение).

„Имавме можност да одиграме и натпревар. Се работеше за интересна средба во хуманитарни цели. Одигравме интересен меч меѓу две средби на кои играа младинските селекции на Романија и во машка и во женска конкуренција“, изјави Стојановиќ.

Со ова Македонија добива уште еден тренер со Мастер лиценца, а претходно уште тројца други тренери ќе бидат на овој список бидејќи деновиве Димитриоски, Кузманоски и Бојковски се во Србија да го одработат завршниот дел до добивањето на дипломата.