Стокхолм е нивната судбина: По 18 години Начевски повторно во Шведска испишуваат семејна историја

За Ѓокица Начевски се покажа дека Шведска е местото каде ќе го добие највисокото судиско признание, ќе суди финале на машко ЕП. Финалистите ќе се бараат меѓу Хрватска, Норвешка, Словенија и Шпанија. Утре е полуфиналето: Норвешка - Хрватска и Словенија - Шпанија.

За некого можеби изненадување, за други само потврда на нивниот квалитет, но интересно е дека Стокхолм е местото каде што семејството Начевски пред 18 години исто така првпат доби медал за делење на правдата во финалето. Тогаш за златото се бореа Шведска и Германија. Судии беа Марјан и Драган Начевски. Овој вториот е татко на Ѓокица, а Марјан негов чичко. Ракометното семејство Начевски има наследници на големите ракометни натпреварувања.

Во таа 2002 година во финалето имаше две продолженија од по 5 минути и на крајот домаќините се радуваа. Германците негодуваа поради постигнат гол во последните секунди во регуларниот дел, кој судиите го поништија поради нерегуларно изведување. А, ако некој мислеше дека тоа е грешка, тогаш сигурно двоецот Драган и Марјан немаше да добијат повторно финале на ЕП, две години подоцна, немаше да бидат дел од СП, од Олимпијади. Секоја нивна одлука беше потврдена од судискиот одбор како исправна.

„И покрај тоа што бевме оспорувани од некои во минатото, сега покажавме дека отсекогаш сме суделе според правилата – алудира Драган на проблемите што ги имаа со РСМ. За Шведска заминаа со скриени надежи дека нивното време допрва доаѓа, и дека повеќе нема задкулисни игри кои би им го одзеле финалето, како што тоа се случи на ОИ во Сиднеј или во Франција 2001. Докажаа дека ЕХФ залудно не ги делегирал на вкупно 96 меча, а заедно, за 10 години, суделе на вкупно 253. Зад себе имаат 4 ЕП, 3 СП, супер-куп, финале на европски купови, Олимписки игри… – Веќе по првиот круг натпревари, кога видовме како судат нашите колеги, бевме сигурни дека ќе бидеме во финалето. Ја имавме потребната самодоверба и бевме одлично подготвени. Дури и најстрогите делегати ни честитаа на судењето, не само во финалето“, изјави Марјан Начевски во февруари 2002 година кога РФМ организираше прием за нашите судии, иако две години претходно ги ставија на тенок лед и се обидуваа да ги тргнат од судиската листа.

Драган (лево) и Марјан Начевски (десно) се најголемите ракометни и спортски амабасадори на Македонија – Фото: приватна архива (Facebook)

Сега Ѓокица ја продолжува традицијата. Можеби ова е почеток на неговата уште поуспешна судиска кариера. За Ѓокица и Славе ова ќе биде прво големо финале на сениорско натпреварување. Додека судеа натпревари во младинска конкуренција имаа едно финале на Мундијал за младинци, и натпревари за бронзен медал на големи натпреварувања. Но, борба за злато е сепак нешто друго.

Па нека биде – каде што Драган и Марјан застанаа, нека продолжат Ѓокица и Славе.