Стефан Крстевски: Останувам во Работнички, ќе направиме сè да обезбедиме опстанок

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа над 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Во конкуренција за најдобар централен бек победи ракометарот на Работнички, Стефан Крстевски

Ракометарот на Работнички, Стефан Крстевски е еден од играчите кои се на список и на ракометарите кои може да се најдат и во составот на Вардар. Тој беше еден од оние кои се споменуваа како играчи кои може да ја сменат средината и да се најдат во „црвено-црниот“ дрес, но и напролет ќе го носи дресот на Работнички и ќе се обиде да помогне да биде обезбеден опстанок.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Крстевски имаше силна конкуренција во изборот за најдобар среден бек, а доби најмногу гласови од над 32.000 колку што имаше во анкетата во која учествуваа читателите на 24 Ракомет.

„Лично за мене беше големо изненадување што се најдов во Топ 5 во изборот на 24 Ракомет на средни бекови кои играа во Супер машката лига во есенскиот дел, а сега откако сум прв можам да кажам дека честа е преголема. Посебно ми е драго што гласовите доаѓаат од љубителите на ракометот кои ги нема на трибините поради пандемијата со Ковид 19, но драго ми е што и понатаму ги следат натпреварите и што успеав да добијам најмногу гласови од нив. Посебно е добро што сум прв во конкуренција на квалитетни играчи особено бидејќи ќе играме во плеј-аут лигата во пролетниот дел од сезоната“, рече Крстевски за 24 Ракомет.

Тој смета дека со своите колеги можеле да поминат и многу подобро во есенскиот дел односно да освојат повеќе бодови, но имале лоши партии на стартот од сезоната.

„Можеше да биде многу подобро. Според мене ова не беше добра полусезона бидејќи знам дека можевме многу повеќе. Почнавме лошо во првиот дел од шампионатот, но потоа имавме и добри среди. Победивме екипи кои сега ќе играат во плеј-офот, но претрпевме порази од тимови од кои никој не очекуваше дека ќе се случи тоа. Од мојата форма можам да кажам дека сум задоволен како се движи бидејќи оди во нагорна линија. Претходно не беше најдобро, но одам напред и оди кон подобро“.

Тој потврди што ќе се случи со него во продолжение од сезоната односно каде ќе настапува со оглед на тоа што постоеше опција да се пресели во редовите на Вардар.

„Останувам во Работнички и во пролетниот дел од сезоната и ќе се обидеме да избориме опстанок. Иако како и пред некој месец и сега можам да го повторам истото. Со Работнички сè е можно. Против најдобрите тимови ние играме најдобро, против оние послабите играме полошо. Искрено се надевам дека ќе успееме во пролетниот дел. Доколку не дојде до одлука за опстанок на повеќе екипи, се надевам дека ќе можеме да дојдеме до позиција која ќе ни донесе опстанок  односно ќе бидеме или први или втори и ќе играме бараж. Имаме квалитет, но сметам дека не смееме никого ниту да потцениме ниту да прецениме“, изјави Крстевски за 24 Ракомет.

Во есенскиот дел од сезоната Стефан Крстевски постигна 48 гола така што имаше солиден просек во силната конкуренција. Секако неговото останување во Работнички ќе биде од големо значење бидејќи се работи за играч од кој ќе зависат многу работи во тимот.