Старт од соништата за Херона, Франција на колена пред Србија!

Србија одигра одличен натпревар и ја победи најуспешната репрезентација во последниве години Франција со 27:24, во заостанатиот натпревар од евро квалификациите што го судеа Македонците Митревски и Тодоровски.

Шпанецот Тони Херона имаше деби на српската клупа какво само што може да посака, неговиот тим беше на високо ниво во текот на целиот натпревар и не им дозволи на Французите да ја играат нивната препознатлива игра.

Франција го имаше почетното водство и го диктираше резултатот до 14. минута, но тоа беше само минимална предност и најчесто се играше гол за гол. Марсениќ и Николиќ погодија за прво водство на Србија 8:7 во 16. минута.

Србија играше добра одбрана и им создаваше многу проблеми на Французите, сето тоа надополнето со неколку одбрани на Дејан Милосављев придонесе домаќинот да го преземе водството. Во 21. минута беше 10:8, но Мем и Гигу не дозволија Србите да се одлепат и брзо повторно беше нерешено 10:10.

Завршницата на првиот дел им припадна на избраниците на Тони Херона. Франција имаше напад за минус еден, но Богдан Радивојевиќ пресече топка и погоди во брза контра за највисоко водство од 14:11 што беше и резултат по првите 30 минути. Со ова Србија го заокружи одличното издание во првото полувреме и заслужено одите на одмор со предност.

Во второто полувреме натпреварот се одвиваше многу слично на првите 30 минути, Србија постојано успеваше да го одржува водството и секој налет на Французите беше одбиен. Во 55. минута Србија за првпат стигна до водство од пет гола, 25:20 што беше доволно до крајот да стигне до победа. Франција во финишот само успеа да го ублажи поразот после неколкуте технички грешки на противникот.

Најефикасни во тимот на Србија беа Мијајло Марсениќ и Лазар Кукиќ со по шест гола, а Стефан Ѓорѓиќ постигна четири погодоци. Дејан Милосављев имаше забележителен настап и беше еден од најзаслужните за победата. Во репрезентацијата на Франција прв стрелец беше Кентан Мае со шест гола, четири даде Абало, а по три постигнаа Нгесан и Ричардсон. Ова беше прв меч од квалификациската група 1, каде уште се Белгија и Грција.