Сребрениот олимпиец Георгиевски им даде ’ветар во грб’ на ракометарките пред ЕП (ФОТО)

На 4 ноември ќе започне Европското првенство во женска конкуренција, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.

Во Скопје од првата фаза од натпреварувањето ќе играат неколку репрезентации, кои ќе атакуваат на висок пласман и ќе се обидат да стигнат до медал.

Репрезентацијата на Македонија пред неколку дена ги започна подготовките за Европското првенство, а избраничките а Љубомир Савевски денес добија поддршка и од Дејан Георгиевски, кој на Олимпијадата во Токио освои сребрен медал во теквондо.

Претходно, ракометарките беа поддржани и од бројни ракометни имиња како Кирил Лазаров, Гордана Нацева, која ќе биде амбасадор на претстојното Европско првенство, потоа Милева Велкова, Билјана Црвенкоска…

Македонија ќе игра во група Ц заедно со репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат трите најдобри репрезентации од секоја група.