Србија остана без важен играч – Ненадиќ кажа збогум на игрите во репрезентација

Репрезентацијата на Србија после Европското првенство и пред баражите за Мундијалот во 2023 година остана без еден од своите најдобри ракометари, Петар Ненадиќ кој одлучи да каже збогум на играњето за националниот тим.

Ненадиќ упати соопштение до Ракометниот сојуз на Србија во кој извести дека нема да игра за репрезентацијата во иднина и дека го отстапува своето место на помладите ракометари.

„Не постои ниту една конкретна причина за мојата одлука. Почувствував дека ова е вистинското време за повлекување, време е местото во тимот да го препуштам на некој помлад ракометар и сметам дека тоа е моја обврска. Доаѓаат некои нови момци, кои веќе покажаа голем потенцијал. Тие се светла иднина на нашиот спорт. Заедно со селекторот Тони Херона можат многу“, стои во дел од соопштението кое го упати ракометарот на Веспрем, Петар Ненадиќ.

Поради повреда не беше во можност да им помогне на колегите на Европското првенство на кое Србија го освои 14. место. Беше поврзуван со настап во завршницата, но тоа беше само најава која не доби реализација бидејќи тој само што почна со тренинзи во јануари после повредата.

Селекцијата на Србија со ова останува без важен ракометар бидејќи Ненадиќ е играч кој имаше голема улога во играта.