Србија без Абутовиќ и Ѓорѓиќ против Финска и Словачка

Селекторот на Србија, Тони Херона за првите два квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2024 нема да може да смета на ракометарот од Бенфика, Петар Ѓорѓиќ, кој игра во одлична форма, како и на екс вардарецот Илија Абутовиќ.

Двајцата споменати ракометари поради здравствени проблеми нема да бидат на располагање за натпреварите против Финска и Словачка. Поради тоа Херона мораше да повика дополнително двајца нови ракометари.

На местото на Ѓорѓиќ и Абутовиќ беа повикани Стеван Сретеновиќ и поранешниот член на Еурофарм Пелистер, Немања Обрадовиќ. Сретеновиќ и Обрадовиќ ќе имаат можност своите квалитети да ги покажат во дуелите против Финска и Словачка.

Ракометарите на Србија на 13 октомври во Нови Сад ќе ја пречекаат селекцијата на Финска, додека на 16 октомври во Прешов силите ќе ги одмерат со незгодниот состав на Словачка.

Србија за пласман на Европското првенство во Германија ќе се бори и против репрезентацијата на Норвешка. Двобојот со Норвешка, како и реванш натпреварите против Финска и Словачка се закажани за 2023 година.