Со Хрватска освои четири медали на големите натпреварувања, а сега гради и продава станови

Хрватот кој својот ракометан пат го започна во Задар, потоа со Загреб освои десет титули, а настапуваше и во Германија, Белорусија и Турција после завршувањето на кариерата се одлучи да го продолжи семејниот бизнис.

Иван Нинчевиќ не продолжи во ракометот, туку се одлучи за градежништвото. Уште додека играше Нинчевиќ мислел на иднината, тој купувал земјиште на кое денеска гради станбени згради и максимално е посветен на бизнисот.

„Уште додека играв мислев на тоа што ќе се случува „утре“, а градежништвото е семеен бизнис кој го наследив од татко ми. Додека играв купував земјишта на кои сега градам станови и можам да кажам дека сум максимално посветен на тоа. Исто така се обидувам нешто да направам задарскиот ракомет да се врати на местото каде што припаѓа. Сепак, не е лесно но се направи група на луѓе кои можат да го направат тоа“, рече Нинчевиќ за sportske.jutarnji.hr.

Освен што се занимава со градежен бизнис, Хрватот обожава да вози велосипед во слободно време и да плови и риболови на својот брод.

„Имам три деца и тоа го прави животот исполнет и убав. Што се однесува на моето прво хоби, често сакам да седнам на велосипедот и да возам на долги релации. Второто хоби е мојот брод и ловењето риба, кога сум на бродот го исклучувам мобилниот, ја земам јадицата и тоа е најдоброто опуштење за мене“, заврши Нинчевиќ.

Иван Нинчевиќ со репрезентаијата на Хрватска има освоено голем број трофеи. Тој има одиграно 61 натпревар во „коцкестиот“ дрес и постигнато 94 гола. Има освоено четири медали, сребро на СП 2009, бронза на ЕП 2012, бронза на Олимписките игри во Лондон 2012 и бронза на СП во Шпанија 2013 година.