„Со македонски селектор веќе ќе имавме медал!“

„Со секоја промена ние стагниравме, а постојано некој  од страна „пумпаше“ дека странец е она што и недостасува на оваа екипа, здрава рака, авторитет, дисциплина, што не се покажа како точно“, потенцира Илија Темелковски.

По повеќе од една деценија на клупата на Македонија седна македонски стратег, Данило Брестовац, откако претходно се менуваа низа странци Вујовиќ, Обрван, Червар, Гонзалез… Со ниту еден од нив репрезентацијата не постигна резултат каков што направи предводен од македонски селектор.

Стратегот со најзначаен стаж и најмногу успеси кога станува збор за машкиот репрезентативен ракомет има што да каже на таа тема.

„Немам ништо против странските селектори кои седеле на нашата клупа, сите се квалитетни. Но, сигурен сум дека причината што не успеале е што не се вклопиле во карактерот и менталитетот на играчите. Лино со Хрватска освојувал медали, но со Македонија не направи ништо. Јас му бев и помошник во Франција во 2017 година и завршивме на 15. место. Можеби ќе направеше нешто ако останеше и го испочитуваше договорот со РФМ од четири години, односно до Токио 2020. Никој од нив немаше континуитет на клупата на репрезентација како што беше во клуб – Вујо седум години беше во Вардар, Лино девет години во Металург, а како селектори едвај година дена во кои реално не можеш да направиш ништо. Со секоја промена ние стагниравме, а постојано некој  од страна „пумпаше“ дека странец е она што и недостасува на оваа екипа, здрава рака, авторитет, дисциплина, што не се покажа како точно. Имавме убав континуитет, во 2009 направивме бум, потоа во 2012 со Шундовски историски успех и тука застанавме. Почнавме да менуваме селектори и тоа исклучиво странски селектори и видовме до каде стигнавме. Македонските селектори беа во втор план. Никој немаше на ум дека и ние можеме да донесеме големи резултати, а сигурен сум дека во тој период од 2009 до 2019 ако имало некој македонски селектор на клупата (не алудирам на мене или на Шундо) досега ќе имавме донесено и медал од некое европско или светско првенство. Како потајно да се надеваа сите дека со странец, со позвучно име може да се направи нешто повеќе, што се покажа како грешка.“

Во продолжение може да го прочитате комплетното интервју.

ИНТЕРВЈУ ИЛИЈА ТЕМЕЛКОВСКИ: Треба ’длабок рез’ во А репрезентацијата ако сакаме да одиме напред!