ИНТЕРВЈУ ИЛИЈА ТЕМЕЛКОВСКИ: Треба ’длабок рез’ во А репрезентацијата ако сакаме да одиме напред!

Најголемите успеси во македонскиот машки репрезентативен ракомет се поврзани за едно име – Илија Темелковски. Со исклучок на петтото место на ЕП 2012 во Србија, зад кое стои неговиот ученик Звонко Шундовски, како селектор на А репрезентацијата, зад сите останати резултати кои со гордост ги споменуваме стои младинската селекција, предводена од популарниот Ико.

Стратегот низ чии раце растеа Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски, Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Стоилов, Георгиевски, Манасков… односно Талески, Кузмановски, Томовски… веќе две години е надвор од ракометот, но не е во ракометна пензија. На 67-години тој и натаму смета дека има што да му даде на македонскиот ракомет, само го чека вистинскиот проект и предизвик за него.

А, додека Темелковски да го видиме одново на некоја клупа одлучивме да се потсетиме на ЕП 2000 во Атина, ЕП 2002 во Полска, потоа СП 2009, па се до последниот голем успех, СП У21 во Алжир во 2017 година. На сите тие големи натпреварувања „Ико“ беше дел од репрезентацијата.

„Среќен сум што можам да кажам дека имам придонес во некои репрезентации и во некои генерации, кои до ден денеска оставаат белег во македонскиот ракомет. Од 1999, па се до 2009 година бев дел од националните тимови, без разлика дали младинци или А селекција. Првпат почнав со младата репрезентација, генерацијата на Кирил Лазаров, Темелков, Наумче Мојсовски, Борко Ристовски, Јоновски…. во Атина 2000 година кога освоивме 9. место и каде почна да се создава костурот на понатамошната А селекцијата. Тоа беше прв попристоен резултат на големи натпреварувања. Втора моја генерација е онаа од ЕП 2002 во Полска, каде го освоивме четвртото место. Двапати игравме за медал, во полуфиналето со домаќинот. Неодамна го гледав тој меч и тоа е момент на кој уште се ежам. Имавме шанса на три секунди пред крај на регуларниот дел, но Горан Кузмановски го промаши пеналот. Загубивме несреќно по две продолженија, одново поради промашен пенал на пет секунди пред крај и одново Кузмановски. Тој тогаш како капитен на тимот, сам побара да го шутира пеналот и јас имав доверба во него и му дозволив. Претходно имаше 4/4 од линијата седум метри, а двата клучни седмерци не ги реализираше и останавме без финале. Потоа се направи еден вакум од 15 години каде младата машка репрезентација не беше присутна на ниту едно позначајно натпреварување, за одново со младинците и одново со мене како селектор на трета генерација на СП 2017 во Алжир да стигнеме до тоа високо шесто место“, навлегува во својата успешна приказна Илија Темелковски.

Самиот разговор ме наведе веднаш да ја сменам темата и да го прашам на што го препишува тој вакум од 15 години во младите селекции, а тој како со претходно подготвен одговор вели:

„За жал од 2002 па со 2017 година немаме никаков резултат со млади категории. Губевме од селекции кои не се во наш ранг, не се пласиравме на некое големо натпреварување, пропуштивме 15 години, во кои се сменија неколку генерации кои не оставија никаков белег. Младинските екипи беа занемарени, акцент се стави само на А тимот, и се натурализираа странци. Во тоа време повеќе внимание се посветуваше на сениорите. По 2004 година неколкупати можевме да учествуваме во квалификации на кадетски првенства. Но, факт е дека не се ни обидовме да направиме селекции. РФМ се водеше од тоа да не прави трошоци кога нема генерација и однапред се предаваше. Тоа е како да градиш зграда без темел, што и ни се одрази потоа. За среќа денеска ситуацијата е поинаква. Во последните седум-осум години откако дојде ова раководство во РФМ со Живко Мукаетов имаат поинаква визија за иднината на македонскиот ракомет. Се вложува многу во селектирање на млади ракометари, формирање на младински и кадетски лиги и се минува низ филтри за тие млади играчи да станат идни репрезентативци. Секако не смее да заборавиме дека и европските успеси на РК и ЖРК Вардар, како и на Металург исто така беа причината се повеќе млади да се заинтересираат за ракометот.“

Со колку големо внимание ги следи случувањата во ракометот потврдува и коментарот во продолжение:

„Не е ништо спорно што со кадетите како домаќини на СП лани не направивме резултат. Веднаш ќе критикувам. На Брестовац му дадоа премногу работа и со кадети, и со јуниори и со А селекција. Објективно не можеше секаде да биде присутен и како нов селектор тоа беше преголем залак за него. Не зборувам во негативен контекст, дури сакам и да го оправдам за она што може малку преамбициозно влеговме како домаќини на тоа СП, па видовме до каде сме. Мислам дека веќе направија промени, односно има селектори за кадети и младинци, кои ќе си ги следат тие генерации, а Брестовац ќе може да се насочи кон А националниот тим, каде верувам дека ќе остане подолгорочно. Еден кикс не треба да значи веднаш промена, туку треба да се има доверба и да се остави простор и време за селекторот да може да ја ’дотера’ репрезентацијата по свое.“

По сето она што го видовме на ЕП во јануари во Виена дали сметате дека Брестовац треба да направи сериозни промени во А националниот тим? Дали е време за ’длабок рез’?

„Дефинитивно. Срамно беше тоа што во Виена не го минавме првиот круг, тоа ја покажа дисфункционалноста на генерациите. А, кога тоа ќе се види на терен, тогаш длабок рез е неминовен. Штом Брестовац добил доверба за водење на А тимот на подолг период треба да направи и нешто ново, во смисла генерацијата од Алжир да биде костур на најсилниот тим. Таа генерација потпомогната со ракометари од Еурофарм Пелистер, Металург, Бутел, Пролет… неколку млади интернационалци, селекција со просек на години 23-25, време е да го превземе кормилото. По многу години се враќаме во квалификации за пласман на Европско или Светско првенство. Се враќаме во времето кога јас бев селектор па нè чекаа квалификации, па баражи итн. Сметам дека за играчи како Кирил Лазаров, Георгиевски, Стоилов, Ристовски, кои неспорно оставиле белег во европски рамки да го препуштат местото затоа што веќе се демотивирани на некој начин. Сега повторно да се вратат 15-20 години наназад и преку квалификации да изборуваат пласман за некое големо натпреварување, тоа е за нив веќе заситена работа. Повеќе треба да се посветат клупски на овие години. Истовремено, тешко е да си млад играч во тим во кој има огромна разлика во години. Помладите се во некоја позадина и играат во грч. Колку и да сакаат да дадат, секогаш чекаат од други, а она што треба сами да го превземат како одговорност е голема тешкотија за нив. Не можат да бидат самостојни, а не се ни осмелуваат затоа што имаат играчи пред себе кои премногу ги дисциплинираат. Таквата строгост и ограниченост во игра им пречи на играчите. Потребна е поголема самодоверба, а тоа ќе го добијат со ширина и простор за игра и кога генерациски ќе има паралела. Фактот дека нема да играме на мундијалот во јануари го прави овој момент уште поподобен, а и тоа што е зголемен бројот на учесници на ЕП, верувам дека таа (по)млада екипа ќе може да избори пласман на следниот континенален собир. Нема да биде срамно ако завршиме 15-ти. На тоа место сме биле и со Раул, и со Лино и со други врвни имиња како селектори. Таа генерација од Алжир со Брестовац на клупата, верувам дека ќе може за еден циклус од четири години да направи резултат и да стигне меѓу првите 10 во Европа или во светот.“

КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НАЈДОБРО РЕШЕНИЕ ЗА НАС

За разлика од претходно, кога Металург ги даваше најголемиот број репрезентативци, сега тие доаѓаат од многу клубови и од различни страни на Европа. Дали можеби и тоа игра улога во ваквиот изглед на најсилниот национален тим? Дали клуб-репрезентација е најдобро решение за нас?

„Жал ми е да ги занемарам другите клубови, но морам да кажам ако еден клуб го даде костурот на репрезентацијата шансите за резултат се подобри. Мислам дека клуб-репрезентација е најдоброто за нас, како во времето кога Металург даваше по десет репрезентативци. Исто така многу важен фактор е и какви репрезентативци доаѓаат од клубовите, колку се тие подготвени. Затоа што многу малку може да направи селекторот за еден собир од една недела ако добие неподготвени играчи. Така многумина ’гореле’, а вината не е нивна.“

СО МАКЕДОНСКИ СЕЛЕКТОР ВЕЌЕ ЌЕ ИМАВМЕ МЕДАЛ

По повеќе од една деценија на клупата на Македонија седна македонски стратег, откако претходно се менуваа низа странци Живковиќ, Ѓукиќ, Вујовиќ, Обрван, Червар, Гонзалез… Со ниту еден од нив репрезентацијата не постигна резултат каков што направи предводен од македонски селектор.

„Немам ништо против странските селектори кои седеле на нашата клупа, сите се квалитетни. Но, сигурен сум дека причината што не успеале е што не се вклопиле во карактерот и менталитетот на играчите. Лино со Хрватска освојувал медали, но со Македонија не направи ништо. Јас му бев и помошник во Франција во 2017 година и завршивме на 15. место. Можеби ќе направеше нешто ако останеше и го испочитуваше договорот со РФМ од четири години, односно до Токио 2020. Никој од нив немаше континуитет на клупата на репрезентација како што беше во клуб. Како селектори едвај година дена реално не можеш да направиш ништо. Со секоја промена ние стагниравме, а постојано некој  од страна „пумпаше“ дека странец е она што и недостасува на оваа екипа, здрава рака, авторитет, дисциплина, што не се покажа како точно. Имавме убав континуитет, во 2009 направивме бум, потоа во 2012 со Шундовски историски успех и тука застанавме. Почнавме да менуваме селектори и тоа исклучиво странски селектори и видовме до каде стигнавме. Македонските селектори беа во втор план. Никој немаше на ум дека и ние можеме да донесеме големи резултати, а сигурен сум дека во тој период од 2009 до 2019 ако имало некој македонски селектор на клупата (не алудирам на мене или на Шундо) досега ќе имавме донесено и медал од некое европско или светско првенство. Како потајно да се надеваа сите дека со странец, со позвучно име може да се направи нешто повеќе, што се покажа како грешка.“

Темелковски во својата кариера на клупата на националните тимови седел и како селектор и како асистент и тоа за него никогаш не претставувало проблем.

„Сум бил и селектор и помошник тренер на колеги помлади од мене. Тоа никогаш не ми претставувало проблем. Најдобро соработував со Шундовски. Добро се надополнувавме иако беше многу помлад од мене. Имавме одлична соработка и голема поддршка ми беше од клупата. Многу работи научи од мене, а потоа се покажа како одличен стратег и тренер. Од странците со Вујовиќ имав најдобра соработка, и на клупско ниво во Вардар, тој тренер на првиот тим, јас на МРК, а потоа му бев асистент и во репрезентација. Ако сум повозрасен од него, многу работи научив од него. Многу ме почитуваше и можам да кажам дека е тренер и селектор со многу големо знаење.“

КИРЕ СЕДЕЛ НА ТРИБИНИ, СТОЈАНОВИЌ ГО ВРАТИ ДОМА

Многу пријатни и непријатни моменти преживеал Ико за време на своето „селекторување“, а не му беше проблем да ни открие дел од тие моменти.

„На првенството во Атина 2000, се случи пресврт меѓу мене и Кире Лазаров, со кој му помогнав во понатамошната кариера. На тоа ЕП, Кире замина со голем, неспорен квалитет како млад играч од 19-20 години и мислеше дека ќе биде главен играч на тоа ЕП, но не беше психолошки подготвен. Уште на првиот меч со Унгарија, тој си земаше преголема слобода да шутне од неизградена позиција и во еден момент побарав измена. Не ме послуша и изреагира во стилот ’остави ме да играм не ме зафркавај’ и не излезе. По мечот веднаш свикав состанок на кој побарав да биде отстранет од репрезентација и да си оди дома. На тие години некој така да се однесува кон селектор, нема прошка. Го ’спаси’ тоа што во Атина отпатувавме како група со список и мораше така и да се вратиме назад. На негова позиција ги имавме и Мајнов, Митков, не беше незаменлив. Од таа причина остана, се извини, имавме разговор еден на еден, но на следниот меч остана на трибини, тоа беше казната. Потоа беше ставен на тест, каде што му беше распоредена минутажата со другите, влегуваше и излегуваше од игра, и потоа ги почитуваше одлуките. Си ја сфати грешката. Со Кире минавме 20 години во репрезентацијата и ден денеска ми го памти тоа.“ (се смее)

На СП 2009 Темелковски имаше конфликт и со Раде Стојановиќ…

„Тоа првенство Раде Стојановиќ го зедов во тимот затоа што имаше и стаж и кредит. Беше еден од клучните играчи во баражот кога го елиминиравме Исланд, но во меѓувреме имаше тешка повреда на коленото и го зедов во тимот половично рехабилитиран. Го штедевме коленото во текот на подготовките и беше во состав кој патуваше за Хрватска, но ако денеска 16 играчи се соблекуваат, тогаш во состав беа 14. Можеби ако и тогаш беа 16 ќе направевме поголем успех. Ние имавме добар костур, но тенка клупа и носителите на игра многу се трошеа. Кога ќе се потсетам Кире ослабна седум килограми на тоа првенство од напор, заедно со Алушевски, Ванчо Димовски, кој со една нога играше на тоа СП… Нејсе… Раде не го соблеков на првите три меча, а потоа четвртиот меч против Германија, Кире добива црвен картон во клучен момент и го губиме мечот. По тој пораз Раде револтиран и со став дека требал да игра се соочи со мене во ходникот во салата. Ми пријде и ми вели ’Виде ли селекторе што направи’, ме зграби за градите и ме турна. Го видоа тоа и други членови од стручниот штаб, јас го протолкував како напад врз селектор и не можев да се смирам. Свикав состанок на кој децидно кажав или тој заминува или јас. Раде другиот ден замина за Скопје, а на негово место дојде Стојанче Стоилов, кој од тоа првенство, па до денеска е стандарден репрезентативец.“

НАЈГОЛЕМО ДРУГАРСТВО = НАЈГОЛЕМ УСПЕХ

Многу генерации минале низ рацете на Илија Темелковски, а тој потенцира дека селекцијата во која имало најголемо пријателство е таа која го постигнала најголемиот успех на големите натпреварувања.

„Има разлика од генерација до генерација. Во Атина 2000 Лазаров се наметна како лидер, иако Наумче Мојсовски исто така претендираше за таа позиција, а и местото среден бек, фактот дека командуваше со нападот му го наметнуваше тоа. Но Кире ја превземаше сета одговорност и се изгради како предводник на А тимот, што и уште е. Немаше раздор, но сепак… И тој тим можеше далеку да стигне. Во 2001 година требаше да бидеме домаќини на квалификациите за СП, но поради воениот конфликт во Македонија ни беше одземена организацијата. Генерацијата од Полска 2002, каде беа Миркуловски, Кузмановски… имаше најголемо другарство, без претензии кој сум јас, а кој ти. Токму тоа другарство го донесе и најголемиот успех.  И со таа генерација ја пропуштивме шансата за континуитет. Игравме квалификации во Анкара за СП 2003, но згрешивме во старт. За разлика од сите други кои дојдоа со авион, ние патувавме 36 часа со автобус, а веќе следниот ден требаше да играме. Бевме поквалитетни во тој моменто од противниците, но немавме време за одмор, немавме свежина и тоа така заврши. Во оваа новата генерација Талески – Нелоски – Кузмановски, тоа се играчи од ист калибар, а секој со своја мисла дека треба да биде лидер. Нив успеав за кусо време да ги доведам во ред и да сфатат дека нема индивидуалци кои носат резултат и секој за секого треба да се грижи и да игра. Успеав во тоа уште на подготовки во Маврово и од зајадени играчи да направам добри другари и затоа и имавме таков успех на СП во Алжир.“

„НЕ БЕВ ВЕНЧАН ЗА ПРОЛЕТ“

Не смее да се изостави и клупскиот ангажман на Илија Темелковски, како стратег на Металург, МРК Вардар… но тој се смета за икона на Пролет, затоа што многу сезони и како играч и како тренер мина таму. Момент кој крена голема „прашина“ е трансферот од Пролет во Еурофарм Пелистер во сред сезона.

„Вистина е дека Илија Темелковски асоцира на Пролет. Многу сезони како играч минав во клубот, па дури и како репрезентатвец на Југославија бев од Пролет. И како играч имав проблеми кога заминував од клубот, но одново се враќав таму иако можев да играм каде сакав во Југославија. По МРК Вардар, најдолго, осум години непрекинато минав во Пролет каде со скромни сретства и услови и сопствени играчи, без високи амбиции создадов солидна екипа, која со работа во континуитет имаше неколку излези во Европа, а пркосеше и на посилни ривали во Суперлигата. Еурофарм беше голем предизвик за мене. Амбициозен проект, финансиски стабилен, со добра екипа, а и понудената плата беше петпати поголема од она што го имав во Пролет. Сето ова беше пресудно за мене како тренер. Пролет ми е во срцето, но јас не сум венчан за него. Заминав со чист образ затоа што оставив стабилна екипа зад мене, која веднаш можеше некој да ја превземе. Интересно, тренерите може да бидат избркани сред сезона, но доколку некој си замине за време на првенството тогаш е виновен дека го оставил клубот на цедило. Јас само прифатив еден професионален предизвик, некои го разбраа тоа, некои не.“

Во Еурофарм Пелистер Темелковски имаше да одработи уште една сезона, но на негово место дојде Ѓорѓе Чирковиќ, додека тој беше прекомандуван во координатор за млади категории, функција на која не остана долго.

„Одново од истите причини како во репрезентација, дека странците вредат повеќе и им се верува повеќе отколку на домашните тренери го доведоа Чирковиќ, а мене ме преименуваа во координатор иако имав да доработам уште една година од договорот. Управата на клубот беше под голем притисок. Еурофарм е убава средина, со одлични услови, стабилни финансии и сите сакаат да земат од колачот. Уште тогаш Каменица и некои други се местеа и на крај тоа се случи. Клубот ми даде нова функција – координатор, но јас не сакав тоа да го работам. Претходно трипати го победивме Пелистер во градското дерби и со гордо крената глава шетав низ Широк сокак и не можев да го прифатам тоа да ме сменат за некој тренер од Нови Сад, без разлика на неговите квалитети. Јас сум оперативец и сакам да работам, а не да бидам „шетач“ и на најдобар можен начин се разделив со нив… Потоа кусо бев во Струга, но пропадна амбициозниот проект кој го имаше Наумче Мојсовски за клубот.“

Од 2018 година Ико е без ангажман, и е во пензија, но потенцира дека не завршил со ракометот.

„Не сум во ракометна пензија. Изминативе две години имав понуди од грчки Олимпијакос и да се вратам во Кастриоти на Косово каде и претходно работев, но ги одбив од семејни причини. Имав и некои разговори со Металург и Работнички, но ништо не се договоривме. Не би работел било што. По она што го доживеав и играчки и организациски во Еурофарм би работел во сериозен тим и со амбиции. Немам ниту нерви ниту мотив да почнам од почеток. Можам да одработам уште две-три години со овој памет и искуство“, како на шега завршува Темелковски.