Софтовска пред дуелот со БиХ: Подготвени сме за секој противник, очекуваме да дојдеме до победа

Репрезентативката на Македонија која настапува на позицијата среден бек, Стефани Софтовска пред почетокот на ЕХФ шампионатот на кој сме домаќини очекува убави натпревари, а вели дека атмосферата меѓу девојките е на виско ниво.

Иако немаше можност за долги подготовки односно тренинзите беа одработени во кратко време, а позитивното е тоа што сите се подготвени за да излезат на терен со максимум од можностите.

„Со оглед на тоа што сме максимално мотивирани, тоа влијае и на атмосферата, која е на високо ниво. Се подготвуваме, се мотивираме и се надеваме на успех на овој шампионат“, вели Софтовска за 24 Ракомет.

Во минатиот период ракометарките можеа да се запознаат и со стручниот штаб односно со тренерите со кои ќе треба да работат така што имаа можност да видат што ги очекува во соработката со Савевски, Црвенкоска, Станковски и Андрејева.

„Без разлика што стручниот штаб е прилично нов се обидовме да го задржиме нивото на работа. Подготовките беа прилично тешки, но ги поминавме без проблеми. Работиме, тренираме и ќе видиме како ќе биде на натпреварите, но очекуваме убави резултати“.

Првиот противник е селекцијата на БиХ со која Македонија се соочува вечерва.

„Очекувањата се високи, но не смееме да потцениме ниту еден противник. Се подготвуваме најдобро што можеме за секој ривал, па така и за БиХ. Ќе се подготвиме исто така и денеска за стартот и се надеваме на победа“, изјави Софтовска за 24 Ракомет.

Натпреварот против селекцијата на БиХ стартува со почеток во 20:30 часот, а ова е најава за дуел на кој доколку сè оди според планот, Македонија би требала да забележи победа.